logo
logo
logo

Понеделнички

Хазари

Vecer | 20.02.2022

Хазари

Како тргнаа работиве околу Украина нашава политика паѓа во втор план. А ние живееме далеку од Киев и треба, пред се, да гледаме во својот двор, и своите маки. Ниту со нешто сме придонеле за состојбата во Украина, ниту со нешто можеме да влијаеме на тие настани.

А можат ли настаните во Украина да влијаат врз нас? Секако, а зошто и како ќе оставиме за некое идно време. Да почекаме додека не стане јасно што таму се случува, и особено што ќе се случува. А што и да се случи најголем губитник ќе биде Европската унија. Милитаризирана и без енергенси. Во заднината на Украина внимателно следете вести и околу судбината на Тајван. Како што вели народното искуство: ако мора да има тепачка, битно е да удриш прв.

Значи, да се вратиме дома. Кај нас, по првите 100 дена локална власт, вмровските општини и градот Скопје јавно презентираа отчет, што работеле првите три месеци. И, видовме дека сработеле повеќе од властите на СДСМ за година дена, што се знае и од ВМРО се очекува.

Не бадијала потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски, ја има највисоката политичка функција во Евопа од било кој наш политичар. Избран е за потпретседател на Европската Народна партија во Советот на Европа, а деновиве избран е и во тимот на највлијателни 40 млади европски политичари. Главна карактеристика, според нив, му е отвореноста во политиката и борбата против корупција. И, со тоа, се е кажано.

Ваков отчет од власт на СДСМ, ни локално ни централно, не видовме никогаш. Цела влада на Заев замина, а не даде отчет пред народот што работела четири ипол години, и каде потрошила над 12 милијарди евра народни пари од буџетот.

Отчет за власта на Заев и Фамилијата ќе даде идната влада на ВМРО ДПМНЕ. И ќе биде прилично болно тоа житие на таа власт, доставено како што личи до Обвинителство, но не во овој состав, туку до стручни, независни и спремни луѓе кои ќе знаат што и како понатаму.

Оваа влада сега својата надеж за владеење без предвремени избори ја темели на три столба: Неограничена поддршка од странство за потпишување капитулација пред бугарскиот ултиматум, послушна полиција, обвинителство и судство во прогон на било кого што има авторитет и не им е под контрола и, трето, товење на нивниот невладин сектор и медиуми за да се држи под наркоза граѓанството дека работите одат добро. Како да сме Швајцарија.

Товењето на свои медиуми ДУИ и СДСМ го тераат и преку плаќање пари од буџетот, на весници кои им се до последен под контрола. Досега им исплатија околу три милиони евра. Сега веснициве бараат товењето да биде за стално, не по одлука на влада, него закон да се донесе за трајно државно финансирање на приватни весници, како да се Службен весник на државата. Безобразлукот, наместо за градинки да плаќаме за приватни весници ескалира.

А Швајцарија, на пример, на референдум реши дека државата нема да финансира приватни весници, и како секоја приватна фирма нека се борат за свое место на пазарот. Нивните јавни пари од буџетот одат за бесплатни градинки и школи, нашите за пропагандистите на власта. Перењето мозоци го плаќаме сами, од сопствените даноци на нивните сметки.

Ниту еден проект, одржлив, ниту една битна инвестиција, ниту еден план или реформа нема да видите со која битно ќе се подигне стандардот, зголеми вработеноста, подобри правната сигурност и намалат етничките тензии во дражавата. Тоа ќе мора да чека за други, подобри времиња, и друга влада. Се што прават, и ќе прават, е и ќе биде претурање од шупливо во празно како зголемувањето на минималец на терет на даноци за сите други, контрола на цените на парното за Скопје кои ги плаќа цела Македонија... и такви филмови.

Првиот столб на ова влада, како што реков, е планот и надежта дека ќе обезбедат неограничена странска поддршка со прифаќање на бугарскиот ултиматум. А тој наложува откажување од националниот идентитет, и бришење од картата на народи и нации во Светот. Потоа, откако во Македонија нема да има Македонци, таа станува само територија со која ќе владеат други народи, кои не се избришале самите себе. Живот како во Косово.

Кој не знае историја, не може да разбере политика, или да одлучува нешто во неа. Затоа, кога македонското прашање за идентитетот е на дневен ред, да кажам нешто за исчезнувањето на еден друг, многу поголем народ, за Хазарите. И ќи ни биде појасно.

Хазарите, народ од Црно море, Киевска Русија, па се до длабоко во Азија, биле моќни трговци и војници, црпејќи ја силата од добрата организација и трговијата како посредници помеѓу Азија и Источна Европа и арапскиот свет.

Првите записи за Хазарите, и нивната империја постојат уште од 5-тиот век под турско влијание, а самостојна империја се од средината на 6-тиот век. До десетиот век Империјата им се проширила од Северна Кина до денешна Молдавија.

Хазарите биле народ, единство од десетици големи племиња. Верски биле поделени, иако потекнувале од турски племиња само дел од нив биле следбеници на Исламот, друг дел биле Јудејци под влијание на еврејската религија а трет дел, населен блиску до Источна Европа и Балканот примиле христијанство. Сепак, доминантна религија им била Јудеизмот.

Биле успешни војници, сојузници со Византија во борби против Арапите, како и со унгарските племиња но, во средината на 10-тиот век, во 965-та година војводата од киевска Русија, Свајтослав, ги поразил Хазарите на бојно поле по што Империјата е разбиена а хазарските племиња продолжиле да живеат и да се претопуваат во средините каде што се нашле по поразот.

Ема Жиливинска, од Институтот за етнологија и антропологија при Руската академија на науки, пишува дек по распадот на царството на Хазарите, дел од нив со бугарските племиња пребегал на Балкан, па Бугарија и денес влече етнички корени од хазарките кагани и туркистанските племиња. Словените не се дел од нив, тие се тука уште од шестиот век.

Според Констанитин Седми Пофирогенит три големи хазарски племиња, предводени од Кабари, најголемото племе меѓу нив, се придружила на Унгарите, а понатаму заедно со седумте унгарски племиња го создале кралството Унгарија.

Македонските Словени се спомнуваат, како одделен ентитет, во историјата на Хазарите и Бугарите чие потекло е од западна Азија. Имено, византискиот цар Константин Пети Копроним во 748 година влегол во војна су бугарските племиња предводени од бугарскиот хан Талец. Бугарите склучиле сојуз со македонските Словени но, по дваесет години војување, Византиците во војната победиле.

Хазарите и нивната историја се тајна за науката. Никому не е јасно како го одбрале Јудеизмот за своја религија, како била организирана нивната голема држава. Иако биле најголемо евроазиско царство во своето време има многу малку директни историски траги на нивното постоење. Пропаста на Хазарите е целосна, не само како империја. Тие се народ без трага зад себе.

Има тајни околу нив, во учебниците по историја многу малку се спомнуваат, но има и еден клуч зошто е таен и спорен нивниот идентитет. Имено – нема верификувани докази дека народот на Хазарите имал свој, хазарски јазик и култура. Без тоа, нема трага зад Хазарите.

Кој сака да знае политика, особено ако донесува одлуки, мора да знае историја. Дали ќе се повтори судбината на Хазарите овде, кај нас, на Балканот. Ќе се спомнува ли некој народ кој живеел на оваа територија без свој јазик, и своја култура? И тоа откако самиот се откажал од нив. Се самоизбришал како никогаш да го немало.

Ако сам себе се избришеш, не важи ниедна трага за тебе. Се бргу се заборава.

Косово беше престолнина на српските цареви и манастири. Водеа војни за таа територија три српски династии. Со финансии, дипломатија и војска Србија помогна создавање на албанската држава и поставување на првиот албански крал Зогу во 1928 година, како своја стратегија против влијанието на Италија во овој дел од Балканот. Седумдесет години потоа Србите и Турците се протерани од Косово кое сега е етнички најчиста територија во Европа.

Дали некој во Брисел се загрижи поради таа “етничка чистота“ на Косово. Не. Но, трагите во културата кои Србите ги оставиле таму го држи Косово отворена приказана за во иднина.

Може ли територија во која мнозински народ нема свој идентитет, јазик и култура, да се нарече држава на тој народ? Ако нема Македонци, кој ќе биде мнозинство кај нас?

Ништо на овој свет не е ново, историјата само се повторува во нова форма и со нови луѓе и ситуации. Новите луѓе во оваа Македонија имаат држава, имаат свој јазик, култура и идентитет. Но, до кога?

Д.П. Латас (21.02.2022)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk