logo
logo
logo

Понеделнички

Господар на прстените

Vecer | 13.12.2021

Господар на прстените

Многу мерак имаше Заев да го смени Христијан Мицкоски од лидерството на ВМРО ДПМНЕ, па и таму да постави свој човек. Поапси и стави под прогон се што има било каков авторитет, а не му е на Заев под контрола. Му организираше пуч во партијата, плаќаше за вонреден конгрес против Мицкоски ама, Господ гледа... Па, на крај, Христијан ќе му ја јаде пченицата на Заев, за траен спокој и негов испраќај од политиката.

Политичкото житие на Зоран Заев е попис и опис на порази, предавства и манипулации. Зад неговиот мандат на претседател на СДСМ, и особено на премеир, не постои ниту еден проект по кој ќе се памети освен плантажите со марихуана од кој Фамилијата дебело профитираше во соработка со нарко дилерите од Балканот што ги даруваше и со пасоши. Ништо. Нула. Корупција, корупција и само корупција е опис на неговото владеење.

Ќе се памти дека го продаде името на Македонија и изврши албанизација на власта и општеството во замена за власт без ниту една победа на парламентарни избори на неговата СДСМ. Македонците, Турците, Србите, Ромите и Власите се граѓани од втора категорија во сопствената држава, особено пред законот и пристапот до вработување во јавниот сектор и до функции. Албанците денес имаат повеќе министри и заменици министри во власта од СДСМ иако се 25% во државата. Тоа е власт под Заев.

СДСМ има помалку пратеници од ВМРО ДПМНЕ после двата парламентарни избори на кои Заев ја предводеше партијата. Бизнисите, тендерите, корупцијата и врските со нарко подземјето контролирано од Косово, од Грчец, Арачиново, Чаир и Сарај му обезбедија гласови и коалиции и покрај помалиот број пратеници од ВМРО ДПМНЕ сепак да ја зграпчи власта. Но, со долгови кон нив кои државата ја коштаа прескапо. Неговиот долг го плативме сите, со уривање на целосниот правен, државен и политички систем.

Да, за времето на власт од СДСМ под Заев Македонија влезе во НАТО. Но, по која цена. И, најпосле, која држава влезе во НАТО? Република Македонија, матична држава на Македонците – не. За да одработи добивање власт без избори СДСМ, со Заев, и покрај тоа што на референдумот немаше поддршка од половина плус еден глас од граѓаните, власта на Заев и СДСМ го смени уставното име. А и тоа на криминален начин. Со апсење и притвор на пратеници од ВМРО ДПМНЕ кои беа ослободени само ако гласаат за Северна Македонија. Гласаа, се наплатија, и како слободни и богати луѓе исчезнаа од политиката.

Цената за влез во НАТО беше онаа која не ја прифатија ниту Киро Глигоров, ни Бранко Црвенковски, ни Љубчо Георгиевски, ни Ѓорѓи Иванов ни Никола Груевски. А тоа е цената на бришење сопствена држава, национален идентитет и унитарност. Тоа е како да прифатите да го смените сопствениот пол за да добиете функција. Заев прифати. Потпиша травестит држава за да ја добие власта на поклон. Со власта и марихуаната, тендерите, правото да апси, затавара, прогонува, да суди, да се богати и никому да не одговара.

Тоа не е ни храброст ни заслуга. Тоа можеше да го направи било кој од поранешните претседатели и премиери ако ја имаше алчноста, глупоста и ѓон образот на Зоран Заев.

Тоа е политичкото житие на Заев. Ќе се памти по зло, и по скоро 7.000 починати од корона без вакцини кога сите други ги имаа. Политичар зад кој стојат над 200 политички апсења и судења. Над 3 милијарди нови долгови на државата и економија која не може да ги врати тие пари без тешки потреси и трауми. Договори со нарко подземјето после кои државата е легло за мафијата. Тоа што е Косово со децении, сега е Македонија.

Нема политичар кој заминал со толку омраза, гнев, огаденост кај народот па дури и кај сопствените гласачи и членство како Зоран Заев денес. Од фризерници до кафани, од таксисти до земјоделци, од родители на ученици до интелектуалци... неговото име се изговара со презир и потсмев. Кај “невладините“ е поинаку, платени се да биде така. Но, иако соросоидите се бучни, имаат фондови да прават смут и интриги по медиуми и социјални мрежи, небитни се. Нивниот кандидат на конгресот, Јован Деспотовски, доби само 9% од гласовите. А, како директор на Фондот за иновации, за соросоидите и “активистите“ на СДСМ исплати над 10 милиони евра. И пак не го бидна.

Житието на Зоран Заев е биографија на лош политичар и зол човек. Неговите корупции не се од вчера. Црвенковски, како тогашен претседател, го ослободи од судење и затвор, го аболицираше за проневера од 8 милиони евра за Глобал Струмица. Заев му ја врати таа услуга со плукање, понижување и изолација на Бранко Црвенковски. Зааев е зол и суров кон сите, и кон своите. Откако ги искористи Трифун Костовски, Катица Јанева и Боки 13 ги фрли како изџвакана мастика. Ги знаел само од телевизија, како што вели Зоран Заев.

Ничија свеќа није до зоре горела, велат Србите. Па ни таа на Зоран Заев која згаснува. Но, партијата и дипломатите толку долго ја држеа таа свеќа пред гаснење што им изгореа прстите и уште долго ќе се опоравуваат од тие изгореници. Како и сите ние.

СДСМ со изборот на нов лидер покажаа дека се што вреди во таа партија дигнало раце од Фамилијата и мафијата која им ја киднапирала и партијата, и идеологијата, и традицијата. Избран е Димитар Ковачевски кој во јавноста и партијата е непознат лик. Избран како лична препорака од Зоран Заев што е голема хипотека за него уште од почеток.

Од 70.000 членови на СДСМ гласаа само 44.000, или 57%. 26.000 нивни членови пратија јасна порака дека ни Зоран Заев, ни СДСМ, па ни Димитар Ковачевски како негов протеже и наследник не се предмет на нивна доверба. Она што се виде на локалните избори, се потврди и на партиските. СДСМ се распаѓа.

Членството на СДСМ се врти кон Левица. Особено скопското кое, повторно, го испуши и на овој конгрес. Апасиев успева да изгради автентична левичарска идеологија темелена на традициите на АСНОМ, партизанското движење и интересите на работниците, што е идеологија која СДСМ со Заев ја загубија. Идеологија и нарко подземје не одат заедно.

Од другата политичка страна гледаме нов мандат за претседател на ВМРО ДПМНЕ за Христијан Мицкоски. За разлика од СДСМ, особено сега со Христијан Мицкоски, ВМРО ДПМНЕ силно инсистира на политичка идеологија, културна традиција, национални интереси и – силна економија. Ниту по еден од овие основи, особено силна економија и проекти, ни со ни по Зоран Заев СДСМ не може да му парира на ВМРО ДПМНЕ.

Прво што ќе осети секој граѓанин, тоа е дека со ВМРО ДПМНЕ – даноците се помали, платите поголеми, помалку се задолжува државата со кредити, нема трговија со национални интереси и идентитет, нема политички апсења, нема цензура на вашите постови по Фејсбук и Твитер, нема судења на новинари, има нови инвестиции...

А Мицкоски во изминативе четири години помина дијаметрално различен, спротивен пат од оној на Зоран Заев. Без корупција, без поддршка и зависност од нарко дилери, без купен “невладин сектор“ и без долгови кон никого од нив. Напротив.

Кога Мицкоски стана лидер, го дочека тоталитарен прогон на скоро се што вреди во и околу ВМРО ДПМНЕ. Остана сам со само неколкумина околу себе кои имаат политичко искуство и професионален углед и влијание. СДСМ, преку нивното СЈО, им го блокираше имотот, сметката и до ден денес ги гони за да ги избрише од списокот на партии. Да ги уништи до темел, како што бараа Фрчкоски, Бранко Тричковски или оној ментолот Грчев.

Заев и нарко подземјето формираа групи за уривање на Мицкоски и на ВМРО ДПМНЕ од внатре. Некој тоа го правеа за пари, а други затоа што беа под полициски и судски прогон со надеж дека ќе спасат жива глава. Времињата беа тешки, најтешки за било која партија од осамостојувањето на Македонија, но ВМРО и Мицкоски останаа на нозе.

Останаа затоа што, за разлика од СДСМ, ВМРО ДПМНЕ никогаш не се се откажа од својата идеологија, од својата силна врска со традицијата, културата и народот, и од своите луѓе. Не тргуваше и не се пазареше за лични потреби на Мицкоски и неговите најблиски соработници. Затоа што ВМРО ДПМНЕ остана – ВМРО ДПМНЕ. Не продадоа никого, и ништо од својот ДНК и карактер. Затоа на сите избори со Мицкоски немаше губење на гласачкото тело на партијата. Останаа сите со него, и во лошо, и во добро, како што тој остана со нив. Тие релации, и таа мисија, за трговците од СДСМ е мисловна именка.

Откако го сочуваа угледот, членството и гласачите во исклучително бурни и тешки времиња, од овој конгрес ВМРО и Мицкоски најавија нова генерација која ја реафирмира нивната традиционална политика: Македонија со идентитет, битка со корупција, Македонија без политички прогони, Македонија со инвестиции, Македонија без доминација на една нација врз друга, без етнички пазарења, без нарко дилери во политиката, без цензури и контрола на јавноста и социјалните мрежи... Ништо ново, ВМРО тоа со децении го тера. Нови ќе бидат луѓето да ја извадат оваа Македонија од тињата.

Дури и да успее Заев, односно СДСМ, во своите судски процеси, дури и да ја укине и избрише ВМРО ДПМНЕ од регистарот на партии како што бараат Бугарите, заедно со воениот профитер Владо Бучковски, под било кое име партијата пак ќе биде таа, и ќе победува. Тоа нешто профитерискиот ум на Заев и неговите не можат да го разберат.

Али Ахмети, со Зоран Заев и СДСМ, најави остварување на албанскиот прстен Тирана-Скопје-Приштина, симболично преку автопат договорен, нормално, без тендер. Господарот на прстените, Али Ахмети, човекот од политичката тиња на корупцијата и насилството, од Хаг поврзуван и за воени злосторства на Косово, е фитилот на свеќата на Зоран Заев која се гасне. Фитилот без свеќата неможе да опстане.

Добро утро Македонијо, ноќта беше долга, студена и морбидна, но крајот и се гледа.

(Д.П. Латас, 13.12.2021)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk