logo
logo
logo

Понеделнички

Фактор Икс

Vecer | 30.01.2022

Фактор Икс

Знам, се согласувам со вас дека има поважни проблеми и теми во нашите секојдневни животи од бугарскиот ултиматум, корупцијата пред се, но политичариве го туркаат тоа во прв план па, ќе почнам со “бугарскиот вапрос“. Ако им се преќути планот, цената е многу скапа, а нема можност во наредните децении тоа што ќе го направат да се поправи.

Убеден сум дека утре да почнат преговорите со ЕУ за членство тоа нема да има скоро никакво влијание на расположението на гласачкото тело на кое му е јасно дека преговорите сами по себе нема да решат ниту еден проблем на граѓаните. Тоа е процес кој ќе трае 15-20 години, па дури потоа можеме да очекуваме некакви реални промени во своите животи од европската приказна. А тоа е далеку, за некои подолго и од животот.

Швајцарија не е во ЕУ, а живее многу подобро од Романија, Бугарија, Полска... Србија не е во ЕУ а по глава на жител има дупло повеќе инвестиции и поголем економски раст од Бугарија или Романија... Приказната за ЕУ не ги полни фрижидерите и лечи болестите.

Проблемот со Бугарија го создадовме ние. Власта на Заев потпиша Преспански договор со Грција во кој во точките 1,3 и 7 се релативизира постоењето на македонскиот јазик и идентитет, во договорните страни не се ни спомнува Македонија туку “страната два од овој договор...“. Накусо, Заев, Никола Димитров и претседателот Пендаровски сами се легитимираа себеси (односно нас сите) како безимен народ, без јазик и иденетитет.

Зошто го потпишаа тој Преспански договор? Како и секогаш со нив, за личен интерес.

Грција, стратешки позиционирана на Балканот и Медитеранот, е важен и силен играч за САД и ЕУ. Нејзините желби и потреби се важни за Брисел. За да ги задоволат нивните национализми во однос на Македонија ЕУ бараа со години некој шушлак, губитники лик спремен на се за да заработи од корупција, кој ќе го прифати грчкиот ултиматум.

И, го најдоа во Зоран Заев, плус инструментот за присила и кршење на отпорот – СЈО и Катица Јанева. Стево Пендаровски се подразбира, тој е до толку сенка од човек што прифати да не се занимава со својата работа, па наместо законски да го потпише тој, како претседател, Преспнскиот догор го потпиша министерот Никола Димитров. Награда за Заев од ЕУ и САД беше власт без победа на избори. Другото си доаѓаше само по себе.

Според Заев и ДУИ, веднаш по Преспанскиот ќе почневме преговори за влез во ЕУ а таму, според нив, не чекаат милионски фондови, странски инвеститори, бесплатно здравство, слободен пазар за трговија и вработувања... Фали само гарантиран секс секој ден.

Ние од Преспанскиот договор не добивме ништо. Добивме само разулавена и аздисна власт која апси и гази се пред себе, добивме максимална корупција, добивме здравство во кое горат живи луѓе по болници, образование што брише татко, мајка, фамилија и книги од мозокот на децата, нарко дилерите станаа партнери на власта... а изгубивме многу.

Изгорени од европските приказни после преземањето на власт без победа на избори од страна на ДУИ и СДСМ, и после Преспанскиот договор, никој нормален не верува ни во ЕУ ни во приказните дека треба да се прифати бугарскиот ултиматум по секоја цена затоа што, демек, ден потоа ние стануваме Европјани. Не, умре таа мантра.

Значи, зошто Бугарија го прави сега тоа што го прави, и што може да очекува на крај? Го прави ова затоа што во процесот околу и со Преспанскиот договор јасно видоа дека овде, со Заев, со СДСМ и ДУИ има добра клима за нив, и дека за добар ќар СДСМ и ДУИ ќе работат повеќе за Софија отколку за својата држава. Ако клекнавте пред Атина ќе клекнете и пред Софија. И таму клечевте за ништо, па и кај нас во Софија ќе потпишете, порачуваат.

Бугарија е стара и искусна држава и политика која знае историја, и знае да планира децении однапред. Ваква шанса чекаат над 70 години. Бугарија имала и има национални и територијални претензии кон Македонија со векови. Влегувале тука бугарски војски, бугарски попови, и излегувале само на сила. Имаат претензии и денес, само без војска и попови. Нивните денешни тврдења дека нема Македонци во Бугарија, и дека македонскиот јазик и нација се изворно бугарски се истите од пред 100 години.

Сега, за разлика од порано, Македонија е држава и освојувањето оди потешко. Македонија е држава затоа што Македонците се здружиле со Србите, Хрватите, Црногорците... и низ војна создале своја држава заедно со нив. Тој аргумент Софија го нема. Без такви заслуги, нивната единствена надеж е во нашта власт спремна да се пазари.

Од Софија секој ден не убедуваат дека УДБА и Србите на Македонците им создале држава, а не сами. Малтене, УДБА со Александар Ранковиќ, Светозар Вукмановиќ Темпо, Лазар Колишевски, генералите Апостолски и Карангелевски... и Тито на Македонците им наредиле да создадат своја држава за да ги откине од Бугарија... Е, тоа е нивниот филм.

Македонци, во значителен број, живеат на три територии: Вардарска Македонија, каде сега е македонската држава, Пиринска во западна Бугарија и Егејска во Грција. Ова е меѓународно познат и признат факт. Има и пресуди на Судот за човекови права за ова.

Македонската држава постои само на територија на Вардарска Македонија која до 1941 била под српска доминација, а под власт на кралството Југославија. Затоа што Србија прифатила историско право и постоење на македонски народ и идентитет и по Втората светска војна мирно ја повлекла својата доминација од Вардарска Македонија соработувајќи во Југославија на градење меѓусебни односи, соработка и почитување.

Бугарија, за разлика од Србија, на сила и со помош на Сталин ја задржала Вардарска кај себе, под своја власт, иако како воен губитник требала да ја загуби таа територија. Во Софија ни тогаш, ни сега, не признаваат историско постоење на македонскиот јазик и идентитет. Сегашниот нивни ултиматум за бугарско потекло на Македонците е подготовка да се реализира тоа што во Втората светска војска не им успеало: во иднина нови бугарски војски и бугарски попови да влегуваат во Македонија но, со оправдување дека не се окупатори туку “ослободуваат поробени територии и своите Бугари“ од македонизмот.

Или, најпоедноставено, Бугарија спрема терен Македонија и Македонците за Бугарија да бидат тоа што се Косово и косоварите за Албанија. А ние треба само да се согласиме.

Толку е приказната низ факти и лесно разбирливи каузални процеси за причините и последиците. Се друго е нова “европска приказна“ по рецепт од Преспанскиот договор.

Никој не тврди дека нема Бугари во Македонија. Секако дека ги има, на попис ќе видиме колку се и каде се. Ако се исполнат условите нека бидат запишани и во Уставот, иако во овие околности тоа е опасна бугарска јадица со територијални и етнички претензии кои се пакуваат во Софија сега - за во иднина, за идниот влез на нивните војски и попови.

Но, за да влезат Бугарите во македонскиот Устав, мора Македонците да влезат во нивните закони и да ги имаат сите малцински права кои Европа ги гарантира. Кои им се пресудени дека им припаѓаат од страна на Судот за човекови права во Стразбур чии пресуди за Бугарија се обврзувачки, а не ги исполнува. Од Брисел молчат за тие пресуди, иако се должни да ја принудат Бугарија да ги почитува, инаку зошто тој суд воопшто постои.

Пресудите се донесени, и не само во Софија и Брисел, и во Скопје се однесуваат како да ги нема, и како да нема Македонци во Бугарија кои имаат права гарантирани од Европа.

Пендаровски, претседател на држава со албански гласови донесени и од Косово, прима Македонци од Бугарија, од ОМО Илинден, и во соопштение објавува дека примил – граѓани од Бугарија. Не ни помислува да каже дека дошле Македонци со кои разговарал на македонски јазик, на званична средба. Да не ги навреди Бугарите, нас кој не ебе.

ДУИ и Ахмети форсираат дека Македонци нема во Бугарија но, затоа Али Ахмети ладно и гордо изјавува дека “Косово секогаш му е во срцето и умот, во секоја мисла и акција“. Е на тоа дереџе не донесе оваа власт.

Вицепремиерот Маричиќ, кому помеѓу останатото му е работа низ комуникација со европските институции да им помогне на Македонците во Бугарија затоа што тоа му е уставна обврска, прифаќа дека во Бугарија нема македонско малцинство. Новиот премиер прифаќа се, уште е во еуфорија од функцијата падната од небо.

Новиот премиер Димитар Ковачевски лошо го почна мандатот. Се поклони во Софија пред споменик на бугарски војници меѓу кои се и окупаторите на Македонија. Прифатил дека ќе ја дисциплинира македонската јавност да не се случува “негативна пропаганда“ за бугарскиот ултиматум. Тоа е цензура на јавната дебата, спротивна на член 16 од Уставот. Ковачевски ветил дека ќе дозволи само “позитивна пропаганда“ за бугарскиот ултиматум.

И, каде е врската помеѓу бугарскиот ултиматум и нашите реални секојдневни проблеми. Точката која ги поврзува е оваа власт на ДУИ и СДСМ. Тие се власт без поддршка од мнозинството, наметната од Фактор Икс, диктаторска и тешко корумпирана, штитена од Фактор Икс за да врши валкани работи за мир во куќата со Атина и Софија. Таа власт нема одговорност кон своите граѓани и пред законите на својата држава, не зависи од нив туку од надворешниот Фактор Икс. Така ли функционира демократијата и во Европа?

Ако падне оваа, и ваква власт, идната ќе дојде во поинакви услови. Не наметната од Фактор Икс за да врши валкани потреби за други, туку ќе добие власт од своите граѓани за да ги врши нивните потреби. А потребите ги знае секој, како што секој знае дека Македонците немаат потреба да се откажат од себе и од своите наоколу. Македонците имаат потреба да имаат своја власт која е одговорна пред нив, а не пред Софија и Атина.

(Д.П. Латас, 31.01.2021)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk