Грејната сезона може да започне и порано ако паднат температурите

За 200 објекти неизвесен стартот на грејната сезона


Од Балкан Енерџи Груп, компанијата која што скопјани ги снабдува со парно греење велат дека доколку температурите бидат ниски грејната сезона може да започне и порано од 15 октомври, поради што апелираат до граѓаните навреме да си ја проверат внатрешната инсталација за да добијат без проблем греење во домовите. Од компанија велат дека за 200 објекти се уште е неизвесно дали ќе добијат греење бидејќи имаат неисправна внатрешна инсталација

Грејната сезона вообичаено започнува на 15 октомври, но од Балкан Енерџи Груп компанијата која скопјани ги снабдува со парно греење најавуваат дека доколку паднат температурите може да започне и порано.Според правилникот доколу температурите три дена по ред се под 12 степен тогаш може порано да се пушти централното греење.Поради тоа од БЕГ апелираат до станарите да ја проверат внатрешната инсталација, а куќните совети и управителите на згради да овозможат непречен пристап на службените лица до потстаниците за да може грејната сезона да започне навремено, апелира компанијата „Балкан Енерџи груп" задолжена за парно греење.

Оттаму истакнуваат дека согласно законските прописи грејната сезона може да почне секој нареден ден доколку временските услови тоа го наложуваат и оти се извршени редовните проверки на подстаниците.

– За да може грејната сезона насекаде да стартува навремено, потребно е потрошувачите да ги завршат интервенциите кај внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во Снабдување со топлина Балкан Енерџи. Истовремено, заедниците на станари или управителите на зградите треба да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација), се вели во соопштение од БЕГ.

Компанијата информира дека во претходниот период испратени се писма до сите заедници на станари, односно до фирмите кои управуваат со станбените единици, за нивните обврски за непречен почеток на грејната сезона, но оти во околу 200 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, поточно има дефекти во внатрешната инсталација, оневозможен е пристап на екипите до топлинските станици или нема електрична енергија во потстаниците.

За информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонскиот број 02/3076-200, а подетални информации за моментално затворени објекти може да се најдат на веб страната http://beg-snabduvanje.com.mk.

Поврзани

Најнови вести

Коментари