СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА МУЗЕЈОТ НА ХОЛОКАУСТОТ

Урните од Треблинка стигнаа во Еврејско маало

Садовите со пепел на невините жртви во земјава се донесени во 1961 година и досега беа изложени во Битола, Скопје и во Штип - трите града од каде што насилно биле собрани македонските Евреи ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година, потоа испратени во скопскиот Монопол и кон крајот на март депортирани во логорот на смртта во Полска

Со гардиска придружба и со свечена воена церемонија вчера во 15 часот во Скопје пристигнаа трите урни со пепел од концентрациониот логор во Треблинка каде што во 1943 година беа депортирани и убиени 7.148 македонски Евреи. Всушност, тоа се 98 отсто од еврејската популација која што дотогаш живеела во Македонија. Урните се донесени во земјава во 1961 година и досега беа изложени во Битола, Скопје и во Штип - трите града од каде што насилно биле собрани македонските Евреи ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година, потоа испратени во скопскиот Монопол и кон крајот на март депортирани во логорот на смртта во Полска.

Садовите со пепел на невините жртви, денеска ќе бидат пренесени во некогашното Еврејско маало во центарот на Скопје со што официјално ќе биде пуштен во употреба Меморијалниот центар на холокаустот. Тој ќе биде четвртиот паметник во светот посветен на жртвите на холокаустот - по Јад Вашем во Ерусалим, Меморијалниот музеј во Вашингтон и Еврејскиот музеј во Берлин.

Според претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов, отворањето на Музејот ќе остане запаметено во историјата на еврејскиот и македонскиот народ како голем историски и културен настан. Со Меморијалниот центар, како што рече, во Македонија е подигнат музеј-паметник на македонските Евреи и на сите воопшто, на еврејскиот страдалнички народ расеан по светот.

Денеска на свечената церемонија за отворање на Центарот ќе се обрати вицепремиерот на Израел, Моше Јаалон и ќе биде прочитана Декларација од денешниот верски лидерски форум. И во пресрет на големиот настан, во изминативе два дена се одржаа повеќе настани. Синоќа во Македонската опера и балет беше одржана комеморијална академија во сеќавање на Евреите од Македонија - жртви на холокаустот на која присуствуваше македонскиот претседател Ѓорге Иванов, беше предаден и медалот "Праведник меѓу народите" од државата Израел.

Камен-темелникот на Меморијалниот центар беше поставен во 2005 година. Ентериерот го уредува екипа предводена од професорот Мајкл Беренбаум, а отворањето ќе биде во три фази.

(Е.А.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари