УНДП ја започнува изградбата на новата градинка во Шуто Оризари

Шуто Оризари добива нова градинка вредна 700.000 долари. Со поставувањето на камен-темелникот за новата градинка „8 Април“ од програмата за развој на Обединетите нации започна изградбата на новиот објект.

„Презадоволни сме што имавме можност да се вклучиме и да помогнеме во овој многу важен проект за заедницата каде што децата се соочуваат со реален ризик да бидат изоставени во образовните достигнувања и животните можности уште од најмала возраст“, истакна амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санс Бјорнштанд.

Постојаната претставничка на УНДП, пак, објаснува дека нивна цел е исполнувањето на начелото повторно да се изгради подобро.

„Ја трансформираме катастрофата во можност, со тоа што го прошируваме капацитетот за згрижување деца, со енергетско-ефикасните елементи ги намалуваме оперативните трошоци, но и овозможуваме услови за престој за деца со попреченост, кои сега ќе имаат шанса да поминуваат повеќе време со своите врсници,“ истакна Винтон.

Проектот е во реализација на УНДП во партнерство со Министерството за труд и социјална политика и Општина Шуто Оризари.

„Секое дете е важно и овозможувањето услови за подобар раст и развој на сите деца е врвен приоритет на оваа Влада. Нашата цел е континуирано да ги зголемуваме просторните капацитети на детските градинки во земјата, но и да ги подобриме квалитетот на програмите и да вклучиме што поголем број деца кои досега немаа можност да посетуваат градинка,“ истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Царовска додава дека досега се отворени 11 нови објекти, а до крајот на 2018 година е предвидено отворање дополнителни 8, а истовремено Министерството работи и на јакнење на кадровските капацитети.

Старата градинка, која беше опожарена минатата година, претставувала единствен објект од таков вид во општината со 22.000 жители, со што околу 200 деца од претшколска возраст сè уште се згрижени во импровизирани услови во општинското средно училиште, а 100-ина деца од улица привремено се сместени во супстандарни услови во дел од амбулантата во општината, велат во соопштението од УНДП.

Средставата на изградба на новата градинка „8 Април“ се обезбедени од владата на Кралството Норвешка.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари