logo
logo
logo

Старо Скопје: ВОДНО МААЛО

Vecer | 20.02.2021

Старо Скопје: ВОДНО МААЛО

Водно Маало лежело на истоимената планина, при што долниот дел, во подножјето, се нарекувал Долно, а горниот – Горно Водно.

Како посебно маало било формирано по Првата светска војна. Според некои податоци, во периодот од 1923 до 1928 година биле изградени поголем дел од куќите во т.н. Долно Водно.

Покрај постојано населените куќи, во Водно Маало се граделе и викенд-куќи.

Во 1923 година на падините на Водно била преселена Градската болница, која во 1934 година добила проширување, односно бил изграден нов дел со нови одделенија.

На Горно Водно функционирало и детско одморалиште, кое било изградено во 1932 година и се состоело од еден павилјон за спиење, трпезарија, кујна и споредни простории. Овој павиљон можел да прими 35 до 45 деца. Подоцна капацитетот бил проширен.

Населението во маалото имало различен етнички состав. Имено, тука живееле Македонци, Срби, Руси, Евреи и Роми, кои работеле како поштари, железничари, пекари, угостители, млекари, слаткари и трговци.

Водњанци биле прочуени меѓу скопјани, особено меѓу помладите. Важеле за големи мангупи, секогаш подготвени да започнат кавга и без некоја поголема причина.

Постарите мажи во маалото честопати ги посетувале локалните кафеани, т.н. крчми, за да се напијат по една чашка и да се видат со пријателите.

Жените, пак, по средувањето на домашните работи, во попладневните часови изнесувале мали столчиња пред вратите и седнувале, со плетивата во рацете, за да „си прават муабет“ со своите сосетки. Според сеќавањето на еден водњанец, во 40-тите години од минатиот век малите деца во зимскиот период се лизгале со санки по улицата „Водњанска“, која тогаш била направена од калдрма.

Сè до половината на 20 век планината Водно не била доволно пошумена, што придонесувало при поројни дождови, куќите во подножјето честопати да бидат затрупувани од камења и кал кои пороите ги носеле со себе. Решението на тој проблем било пошумувањето, во кое учествувале граѓани од сите скопски маала и села.

Веќе по 50-тите години од минатиот век власта одлучила на ова место да изгради елитна населба за министрите и за другите функционери, која и денес постои.

Водњанци морале да го напуштат дотогашното место на живеење, а дел од нив се населиле во т.н. Зорле Маало во близина на Козле, кое го добило името по зортот на иселувањето.

Драгица Поповска

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk