Сите паднаа на изгледот на караман

Во конкуренција на македонското овчарско куче караман учествуваа Мечо, Циго и Гаро и Видра и сите добија највисоки оценки од судиите, а за најдобра беше прогласена женката Видра

ОДРЖАНА МЕЃУНАРОДНА ИЗЛОЖБА НА КУЧИЊА

Продолжува афирмацијата на македонското овчарско куче - караман на кинолошките манифестации. Оваа уникатна македонска раса досега беше претставена на три меѓународни кинолошки изложби на кои забележа значителни успеси. Прастарата раса која беше на пат на исчезнување поради замирањето на номадското и полуномадското сточарење во нашата земја, полека се враќа на кинолошката сцена. За тоа најмногу се заслужни од кинолошкиот клуб "Македонско овчарско куче Караман" и Кинолошкиот сојуз на Македонија.

Меѓународната кинолошка манифестација, ЦАЦИБ, беше одржана завчера во близина на хотелот Белви во Скопје, на која учествуваа 241 куче од голем број на раси од повеќе држави. На изложбата учествуваа и четири единки од расата македонско овчарско куче - караман: Мечо на Душко Мандаровски, Циго на Ивица Здравковски, Гаро на Пепи Дамјановски и Видра на Станимир Ѓуревски. Во рингот за карамани за првак на расата беше прогласена караманката Видра. На оваа изложба судеше меѓународниот кинолошки судија Миле Алексоски, кој сите карамани што учествуваа ги оцени со оценка пет (5).

Кон крајот на манифестацијата, на Бест- ин шоуто на кое беа изведени сите победници на раси, во втората ФЦИ-група, од професионален хендлер, водич на куче, во рингот беше воведена победничката караманка Видра. Генералниот секретар на Кинолошкиот сојуз на Македонија, Габриел Стибел, ја најави победничката која беше поздравена од присутните што беше знак дека изборат е праведен. Генералниот секретар на сојузот изрази задоволство што оваа традиционално македонска раса се повеќе се афирмира и дека и во иднина дополнително ќе се заложи за тоа.

Пехарот за оваа раса го додели претседателот на Кинолошкиот сојуз, Пане Дамески кој најави поддршка за кинолошкиот клуб и интензивирање на процедурите за признавање на расата во меѓународната кинолошка федерација.

Македонското овчарско куче - караман е автохтона раса чии прапочетоци се врзуваат за неолитските земјоделско-сточарски населби со кои изобилува Македонија, како и за локалните номадски движења. Оттогаш досега континуирано се одгледува како заштитник на стадата на цела Македонија. Македонците негувале посебен култ спрема ова куче, така што неговиот лик често зазема видно место на античките монети на македонските кралеви, на вазите, мозаиците и скулптурите, во записите на античките историчари и античките поети, во иконостасите на македонските манастири, како и во епските народни песни.

Поврзани

Најнови вести

Коментари