ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА

Се освети црквата ''Св. Преображение" на Теферич

Непосредно пред државниот празник 11 Октомври архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан со повеќе свештенослужители го изврши торжествениот богослужбен чин за осветување на црквата "Св. Преображение" во месноста Теферич. На чинот на осветување на црквата присуствуваше и градоначалникот на општина Кисела Вода, Марјан Ѓорчев, кој заедно со поглаварот на МПЦ, неговото блаженство г.г. Стефан ја потпиша повелбата за осветување на новиот дом Божји. Веднаш потоа високите свештени лица одржаа света архиерејска литургија.
Студеното време не ги спречи големиот број верници да присуствуваат на чинот на осветувањето и да го изразат своето задоволство што конечно и овој дел од општината Кисела Вода доби црква. Присутните го поздравија ваквиот чекор и им порачаа на општинските власти да размислуваат за изградба на менза во составот на црквата.

Инаку, црквата "Св. Преображение" е со висина од осум метри и широчина од пет метри, а во близина на црквата се изгради и камбанарија. Истовремено, општината Кисела Вода со поддршка на неколку спонзори партерно и хортикултурно го уреди околниот простор. Оваа црква се градеше во изминатите три години, а средствата за нејзината изградба ги обезбеди општината Кисела Вода во соработка со неколку спонзори.

Поврзани

Најнови вести

Коментари