Реконструкција на булеварот „Партизански одреди“ во Влае

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, денеска го означи почетокот на градежните работи за реконструкција на булеварот „Партизански одреди“ во населбата Влае во Карпош.

Како што истакна тој, реконструкцијата ќе се врши на потегот од мостот „Обединети Нации“ до кружниот тек со улицата „Ацо Шопов“ во должина од околу 850 метри.

На тој дел од булеварот целосно ќе биде отстранет стариот коловоз и ќе биде нанесен нов асфалтен слој. Исто така, ќе се заменат оштетените шахти и ќе се нивелираат постојните, а ќе се заменат и сите оштетени рабници.

„Со цел работите побрзо да се одвиваат и што е можно помалку да им го отежниме движењето на граѓаните додека се врши реконструкцијата, градежните активности се поделени на две фази и ќе ги вршат две различни компании“, појасни Шилегов кој додаде дека за реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ се издвоени околу 19 милиони денари од буџетот на Град Скопје.

Шилегов апелираше до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремениот сообраќаен режим, истовремено замолувајќи ги за разбирање во потешкотиите во одвивањето на сообраќајот до завршувањето на реконструкцијата.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари