По еден месец, повторно затворена автобуската во сутерен на ГТЦ

Јавното сообраќајно претпријатие извести дека од денеска поради градежни работи линија 50 нема да застанува на постојката ГТЦ во сутерен се до наредно известување, јавува порталот ако.мк

Оваа постојка не се користеше пет години сѐ до неодамна кога Град Скопје , на чело со градоначалникот Петре Шилегев објавија со пригодна програма дека се враќа 50-ка во сутеренот на ГТЦ.

Тогаш еден од автобусите кој требаше да вози на оваа линија беше брендиран со слика на архитектот Живко Поповски, творецот на проектот на ГТЦ и порака „Чувајте ми го ГТЦ".

Град Скопје на 17 февруари ја врати во функција станицата во трговскиот центар, која беше преместена пред 5 години откако беа пуштени во употреба кинеските двокатни автобуси. Тогаш градските власти станицата ја преместија кај паркот Жена борец бидејќи двокатните автобусите не можат да влезат во подрумот на ГТЦ.

На линијата 50 треба да возат само украинските нископодни автобуси. Станицата на линијата 57 ќе остане кај Жена парк бидејќи во ЈСП„Скопје" немаат доволно украински автобуси да пуштат на оваа линија односно половина од купените се расипани.

„Линијата 50 повторно поминува низ ГТЦ. Денеска ја враќаме оваа линија на местото каде што традиционално припаѓа. Го враќаме стариот дух на градскиот трговски центар со намера да го заживееме онаков како што го знаеме од времето кога Скопје беше полно со радост. Сега ни останува да го ревитализираме објектот, да ги вратиме луѓето во ГТЦ, да го вратиме ГТЦ на дуќанџиите", рече тогаш градоначалникот Петре Шилегов.

Поврзани

Најнови вести

Коментари