Балкан Енерџи Груп и ЕЛЕМ Енергетика ја стартуваа грејната сезона

Парното стартува порано, цехот нема да се наплати во сметките!

Поради најавениот пад на температурите за викенд Балкан Енерџи Груп и ЕЛЕМ Енергетика по претходно одобрение за предвремен старт ја стартуваа грејната сезона. Од БЕГ појаснуваат дека предвремениот старт на грејната сезона нема да донесе зголемување на авансните сметки што ги добиваат граѓаните. И двете компании изминатиот период работеа на отстранување на дефектите во инсталацијата

На граѓаните на Скопје кои се приклучени на системот за централно греење од денеска ќе им се испорачува топлинска енергија во нивните домови, потврдуваат од БЕГ и ЕЛЕМ Енергетика. Од двете компании посочуваат дека Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) дала одобрение за старт на грејната сезона пред вообичаениот почеток на 15 октомври поради најавениот пад на температурите за викендов.

Законската регулатива предвидува доколку, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени целзиусови, снабдувањето со топлинска енергија на тарифните потрошувачи може да почне и пред 15 октомври, но не и пред 1 октомври, и тоа по претходно одобрение од РКЕ.

Од Балкан Енерџи Груп(БЕГ) појаснуваат дека предвремениот старт на грејната сезона нема да донесе зголемување на авансните сметки што ги добиваат граѓаните.

- Согласно прописите секој ден до 15 октомври се следи временската прогноза и само доколку прогнозата за средната надворешна температура е еднаква или под 12 степени целзиусови ќе има испорака на топлинска енергија. Во деновите кога прогнозата за средната надворешна температура ќе биде повисока од 12 степени Целзиусови, испорака на топлинска енергија нема да има, велат од БЕГ и додаваат дека од 15 октомври до 15 април ќе се врши редовна испорака на топлинска енергија, согласно утврдените правила и во континуитет.

Од БЕГ апелираат потрошувачите да ги отстранат евентуалните пречки и дефекти во внатрешната инсталација и тоа веднаш да го пријават во Снабдување со топлина Балкан Енерџи. Истовремено заедниците на станари или управителите на зградите да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија, за топлинската станица и за функционална електрична инсталација).

Компанијата ги информира сите потрошувачи дека евентуалните дефекти се пријавуваат на телефонскиот број 02/3076-200, на следниот линк http://beg-snabduvanje.com.mk/customers/pregled- и-веб-пријава-на-дефект/ или со СМС порака на следниве телефонските броеви: 076 350 298, 078 207 056 и 070-369-337.

Од АД „Електрани на Македонија" велат дека парно греење ќе добијат 3.546 домаќинства, 17 воспитно-образовни институции (основни и средни училишта и детски градинки) и 75 деловни субјекти во скопските населбите Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром кои со топлинска енергија се снабдуваат од енергетската компанија.

Испораката, информираат од компанијата, почнува осум дена пред официјалниот старт на грејната сезона поради најавениот пад на надворешните температури.

Оттаму нагласуваат дека во изминатиов период стручни екипи на компанијата вршеле подготовки, односно ладни проби на системот со цел да се отстранат евентуалните недостатоци и да се обезбеди сигурно и квалитетно снабдување со топлинска енергија на постојните корисници.
Потрошувачите сите потребни информации може да ги добијат во канцеларијата за односи со јавност, лоцирана во управната зграда на ЕЛЕМ „Енергетика", а за дефекти или рекламации, може да ги користат телефонски броеви 3104 816 и 3104 872. (С.М.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари