Околу 29 хектари од атарот на Трубарево ќе биде заштитено подрачје

Острово, Езерце и Арборетум-споменици на природата


Централниот дел на Скопската котлина е природен резерват на голем број ретки видови флора и фауна

Околу 29 хектари од централниот дел на Скопската котлина од атарот на Трубарево кој е природен резерват на голем број ретки видови флора и фауна ќе биде прогласен за Споменик на природата. Во моментов трае ревалоризација и постапка за повторно прогласување на локалитетот Интегрална целина Острово за заштитено подрачје согласно Законот за заштита на природата од 2004 година. Со него престанала да важи дотогашната класификација според која Интегралната целина била поделена на локалитетите Острово, Езерце и Арборетум. Во врска со повторната постапка за прогласување на Интегралната целина Острово за заштитено подрачје, вчера Општина гази Баба и Министерството за животна средина организираа јавна расправа на која македонски експерти го дадоа своето мислење.

Професорот од земјоделскиот факултет Владимир Џабирски поздравувајќи ја иницијативата раритетното природно живеалиште и хабитат на ретки видови да се заштити со закон, но предупреди на заканите од евентуално деградирање и узурпација на локалитетот од локалното население.
- Ќе треба да се посвети внимание на преземање превентивни мерки во смисла на едукација и обука на локалното население за добра производна пракса. Да им се објасни концептот. Истовремено, би апелирал до локалната власт да преземе мерки за контрола на отпадните води кои се директна закана за почвата и подземните води бидејќи во овој дел од Скопје нема изградена одводна мрежа-образложи тој.

Претставникот од Град Скопје, Цветанка Икономова, рече дека во процес на изготвување е физибилити студијата за отпадните води во Трубарево, но отвори дилема дали изградбата на пречистителна станица ќе биде законски дозволена во близина на споменик на природата. Експертите од ресорното Министерство одговорија дека системот нема да влијае негативно врз животната средина, туку напротив ќе ја заштити пошироката околина од загадување.

(Е.А.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари