Општина Кисела Вода дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап

Општина Кисела Вода се приклучи во одбележувањето на 15 октомври – Меѓународниот ден на Белиот стап. Врз основа на потпишаниот Меморандум за соработка со ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, под мотото „Градиме здрава, зелена и безбедна иднина“, раководството на Општина Кисела Вода, заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје, проф. д-р Вјекослав Танасковиќ, директорот на Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид, Горанчо Јакимовски, претставници од Сојузот на слепи лица во Македонија, вработени во Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје и бројни гости, засадија овошни дрвца во дворот на ДУРДМОВ „Димитар Влахов“.

Директорот на ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ најпрво им се заблагодари на сите за присуството по повод одбележувањето на Денот на белиот стап, алатка со која се менува животот на слепите лица и претставува симбол на нивната самостојност и независност.Воедно, ја истакна и својата благодарност кон сите институции и пријатели кои низ годините помагаат ова училиште да биде по мерка на своите ученици, да бидат подобрени квалитетот и условите во кои се изведува наставата, како и да бидат задоволени специфичните потреби на учениците со оштетен вид, за што, наведе тој, во изминатите неколку години се реализирани голем број на проекти.

„Токму еден од нив за кој имаме и најсвежи сеќавања е изградбата на Сензорната градина која што е прва училница на отворено од ваков тип во Република Мкедонија и која сигурно била посакувана од сите претходни генерации знаејќи ја нејзината важност. Во таа насока, денес, со помош на нашите поддржувачи и пријатели, продолжуваме со уредување на училишниот двор и најавуваме изградба на овошна градина во која ќе можат нашие ученици да се запознаат со начинот на којшто се раѓаат и растат различни плодови. Освен тоа, таа ќе биде место каде што ќе можат наши ученици и ученици од училиштата од општина Кисела Вода заедно да учат, меѓусебе да се запознаваат и дружат“, подвлече директорот на ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, Горанчо Јакимовски.

Градоначалниот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски во своето обраќање истакна дека грижата за слепите и слабовидните лица мора да биде секојдневна и дека тие заслужуваат внимание не само денес, кога се одбележува нивниот ден, туку секој ден.

„Ние како општество мора да водиме грижа едни за други , за проблемите со кои соочуваме и да си помагаме, но и да работиме на тоа да им бидат обезбедени подобри услови-како за живеење, така и за функционирање на слепите и слабовидните лица“, истакна Георгиевски.

Посочи дека според регистрите на Национачниот сојуз на слепите, со оштетување на видот поголемо од 90 проценти, во Македонија живеат повеќе од 2550 лица и дека токму затоа е неопходно барем еднаш во годината секое дете и возрасно лице да направи превентивен офталмолошки преглед.
Секретарот на Општина Кисела Вода, Александар Алексовски ја потенцираше поддршката што Општина Кисела Вода им ја дава на лицата со оштетен вид и соработката што Општина Кисела Вода ја има со ДУРДМОВ „Димитар Влахов“.

Деканот од свое име и од име на сите вработени на Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на УКИМ во Скопје го изрази својето задоволство што денес, имаат можност со креативна активност да дадеме свој придонес во одбележувањето на 15 Октомври – “Светскиот ден на белиот стап”, симболот на слепите лица.
Настанот беше заокружен со засадување на овошни дрвца, како први во идниот овошен парк во ДУРДМОВ “Димитар Влахов” во општина Кисела Вода.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари