Општина Бутел ја доби првата мобилна станица за мерење на квалитетот на воздухот

Во Општина Бутел е пуштена во употреба новата мобилна мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот која е дел од националната мрежа за автоматски мониторинг на квалитетот на воздухот во РМ.

Општина Бутел е првата општина што ќе ја користи мобилната мерна станица за следење на квалитетот на воздухот, која секоја година ќе биде прелоцирана во различна општина. Следната година предвидено е станицата да биде инсталирана во Општина Ѓорче Петров.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, рече дека автоматскиот мониторинг на квалитетот на воздухот ќе помогне да се оформи база на историски податоци, преку кои што ќе може да се вршат анализи и да се предвидуваат трендовите, а се во функција на здравјето и добросостојбата на нашите граѓани.

„Затоа, со комплетирањето на мрежата за мониторинг на квалитетот на воздухот ние добиваме непроценлива алатка што ќе ни служи во планирањето на целокупниот развој на државатапоради што сметаме дека таа е огромна придобивка за сите граѓани и за нашето општество во целост“, рече Дураки.

Оваа мобилна мониторинг станица за мерење на квалитетот на воздухот која за почеток е поставена во општина Бутел, во дворот на основното училиште „Живко Брајковски“, е обезбедена со финансиска поддршка од Инструментот за предпристапна помош – ИПА, како дел од помошта во процесот на усогласување на областа на животната средина во РМ, со стандардите на ЕУ. Европската Унија, исто така, обезбеди специјализирано возило за вршење на редовно калибрирање и услуги за одржување, како и одреден број на инструменти за да се подобри следењето на квалитетот на воздухот на територијата на целата држава. Корисник на овој проект е Министерството за животна средина и просторно планирање, во вкупна вредност од 272,000 евра.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари