Македонките уживаат во јапонските вештини

Нашите нинџа-девојки удираат таму каде што најмногу боли!

Таа е се само не обична девојка од соседството. Таа е една од одбраните за да ги урне стереотиопите за жените како послаб пол. Со својата вештина може да му застане на патот на секој маж. Без разлика на неговата сила или корпулентност, може за секунда да го кутне на земја.

Ова не е извадок од сценарио на некој холивудски трилер, ниту пак сторија за некоја воинка од некоја далечна, егзотична земја. Ова е опис на вистински лик, на наша сограѓанка која по своите неверојатни физички способности и по кондицијата на духот, слободно може да се нарече нинџа-девојка.

Незиното име е Сања Симонова, по професија дипломиран електроинженер, а по вокација инструктор и дел од тимот на Организацијата за изучување традиционални јапонски борбени вештини „Буџинкан Македонија" кој работи и твори повеќе од две децении.

- Отсекогаш сум била динамична и физички активна личност, која сака да се дообразува, како физички така и ментално и духовно, па кога дознав за постоењето на овој клуб, појдов на првиот тренинг, а тогаш веднаш ми стана јасно дека токму тоа е местото каде се пронаоѓам себеси. Сметам дека боречките вештини се навистина нешто посебно и ја развиваат не само телесната кондиција туку и она што ние го нарекуваме кондиција на духот, нешто на кое денес ретко кој воопшто посветува внимание на тоа, а е навистина многу важно, открива Сања ексклузивно за читателите на ВЕЧЕР.

Вели дека првичната мотивација да стане дел од тимот на „Буџинкан Македонија" и била пред се да зајакне физички, но и како личност која сигурно, одлучно и самостојно ќе чекори низ животот.

- Особено е важно никогаш да не дозволиме да бидеме жртви на својата невнимателност и незаинтересираност и да бидеме секогаш подготвени да се заштитиме од непредвидливи сценарија кои можат да го загрозат нашиот физички и ментален интегритет. Ние девојките можеме многу да направиме за себе и за околината, само што понекогаш фокусот ни е насочен за жал на површни нешта. Многу сум среќна што нашиот клуб традиционално, осум години по ред ја одржува Работилницата за самоодбрана за жени која се реализираше минатиот викенд. На овој настан учиме пред се, како да не се доведеме во непријатна ситуација, а потоа и кои се нештата што го зголемуваат ризикот од напад, за најпосле да научиме и како да се одбраниме во случај на напад. Многу е важно, за нас како жени, да го имаме тоа чувство дека без разлика во каква загрозеност ќе се најдеме, ние нема да се предадеме или откажеме и ќе се обидеме по секоја цена да го одбраниме својот живот или животот на нашите најблиски. На овој начин се стекнува скапоцена вештина која не се учи на ниту еден друг начин освен со труд и пот и од која ќе имаме огромна придобивка и во секојдневниот живот, а не само кога сме изложени на опасност, вели Сања.

Специјализираните работилници се одржуваат преку викенд во тренинг-кампот на „Пат кон Сонцето", доџо кое се наоѓа во подножјето на планината Липац, сместено во преубава природа и одалечено 62 километри од Скопје. Го изградил основачот на „Буџинкан Македонија" Игор Довезенски, со свои раце и со помош на татко му и уште неколкумина роднини, без консултација со професионалци ниту пак со градежна компанија.

Доџо тренинг-кампот на „Пат кон Сонцето"

- Во доџото се одржуваат курсеви и работилници по класични јапонски боречки вештини наменети за младинци и за возрасни кои преку вежбањето се стекнуваат и со вредностите на доџото, како што се почитувањето, самодисциплината, упорноста, дефинирање на целта, за успехот и неуспехот, како и за придобивките од тимската работа. Слободното време кое членовите едвај го имаат, се користи за капење во блиската река, како и за истражувачки експедиции по околните планини и ридови.

Дружењето и меѓусебното поврзување на членовите на доџото секогаш е дополнителен мотив за учество на работилниците, бидејќи ништо толку добро не придонесува за зацврстувањето на врските помеѓу учесниците како заедничкиот тренинг во долината под планината Липац, вели Довезенски кој во текот на дведецениската посветеност на јапонските вештини ги поминал сите скалила на хиерархијата на јапонските борбени вештини и денеска ја носи највисоката титула "Сенсеи".

органска храна од дворот на тренинг-кампот

Довезенски појаснува дека заедно со тренинзите се зајакнува и свеста за здрав начин на исхрана, па токму затоа сите воини кои учествуваат на курсевите храната ја подготвуваат сами, неретко и од плодовите кои ќе ги наберат од дворот на доџото.

Во текот на работната недела, пак, „Буџинкан Македонија", клубот кој стана синоним за јапонски боречки вештини, работи со повеќе групи во населбата Аеродром. Довезенски со помош на своите инструктори, на учениците им пренесува дел од филозофијата и од психологијата која била користена од страна на самураите и нинџите, а токму тие вештини се неопходни за сите, особено на младите луѓе да бидат успешни, самопожртвувани, стабилни.

Во рамки на доџото има повеќе секции за возрасни од 13 до 113 години, но и за деца од 5 до 12 години

- Во нашиот клуб, годините воопшто не се важни. Во рамките на доџото имаме повеќе секции за возрасни од 13 до 113 години, но и за деца од 5 до 12 години. Оваа година за време на нашиот Летен камп, тринаесет учесници повторно го почувствуваа на своја кожа динамичниот тренинг карактеристичен за "Буџинкан Македонија" и за Организацијата „Пат кон Сонцето", а двајца од нив, допатуваа дури од Романија, со цел барем на кратко да го осетат жестокиот ритам што го наментуваме за време на овој настан, вели Довезенски.

Доџото е основано на 2 јули, 1995 година и засега е единственото во нашата држава признаено од страна на поглаварот на Буџинкан, соке Масааки Хатсуми.

Сенсеи Игор Довезенски со својот учител во јапонија

Довезенски е горд на "Буџинкан Македонија" бидејќи овој клуб важи за еден од најдинамичните клубови во Европа со многубројно и активно членство и со најмногу активности организирани во текот на целата година.

Благодарение на него, илјадници наши сограѓани досега се запознале со боречките вештини кои некогаш биле практикувани и применувани од страна на легендарните јапонски самураи и нинџа-воини. (Е.А.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари