ДОБРО-ЛОШО

НАСЕЛБА ДЕКСИОН

Добро:
• Како населено место Дексион датира од 1963 година. Веднаш по скопскиот земјотрес, во атарот на тогашните овоштарници биле изградени германски и англиски бараки, за сместување на луѓето кои останале без дом. Населбата, позната и како Ѓорче Петров 2, денес може да се пофали дека ги исполнува сите услови за функционирање на една населба: основно училиште, градинка, библиотека, игралиште за мал фудбал, амбуланта, геронтолошка болница, домот за палијативна нега "Сју Рајдер", пазар, три фурни, бензинска пумпа, авто-сервиси и сервиси за миење коли. Тука се наоѓа и почетната станица на автобусот број 5, а низ населбата минуваат автобусите 2, 12, 32, 56, 60 и 11.
• Живот во хармонија на луѓе од различни вери и од различно етничко потекло. Врата до врата живеат Македонци, Роми, Албанци, Бошњаци и Црногорци и е една од малкуте скопски населби во кои има турско маало.
• Во Дексион живеат и творат уметникот Благој Чушков, поетите Светлана Христова - Јоциќ и Тодор Чаловски, актерката Зиба Радончиќ, пејачката Смиља Митревска и новинарката Рашела Гиновска. Во населбата се родија групите "Бла Бла Бла" и "Ласт Експедишн". Во Дексион се роди скопската радиостаница Лајф радио.
• Од Дексион е и Спелеолошкото друштво "Пеони", единственото специјализирано друштво за проучување на пештерите и подземниот свет на Македонија. Најзаслужни за уредувањето на Планинарскиот дом и пештерите на Матка се членовите на "Пеони". По својот ентузијазам незаборавен ќе остане покојниот Јовица Гроздановски, по кого е именуван Домот.
• Населба на врвни спортисти. Од Дексион излегоа врвните кајакари Фарук Радончиќ и Дамир Хаџиќ и боксерот Вели Мумин, наградуван на повеќе европски и светски боксерски првенства и двократен добитник на "Златен гонг".
• Низ населбата тече Вардар, а на десет минути пешачење се Треска и спортско-рекреативниот парк "Сарај".
Лошо:
• Низ населбата минува улицата Ѓорче Петров, која е единствениот пат кон магистралата Тетово-Гостивар-Кичево-Охрид. Фреквентноста на улицата, особено за време на викендите, често пати е причина за создавање "тесно грло" и за сообраќајни незгоди.
• Населбата е оддалечена од центарот на градот девет километри. Патувањето со автобус до центар трае во просек 30 минути, а до подалечните населби може и над еден час. Жителите од населбата дневно на превоз губат по час или два.
• Во близина на почетната станица на автобусот број 5 веќе неколку месеци стојат неасфалтирани ровови, кои беа отворени при изведба на комунални работи. Дупките се необележани и се се подлабоки и можат да предизвикаат големи оштетувања на возилата.
• Во близина на Домот за стари лица подолго време има "див" пазар, кој го нагрдува изгледот на населба.

Поврзани

Најнови вести

Коментари