Марин вети решение за градбата кај „Мајчин дом“ за 10 дена

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, вети дека за 10 дена ќе го реши проблемот со градбата кај „Мајчин дом“. На денешната вонредна седница посветена на овој проблем е донесена одлука за формирање на тело во кое ќе членуваат претставници на Општината и на граѓанските здруженија за наоѓање крајно решение.

По изгласаната одлука, граѓаните го запрашаа градоначалникот што ако за 10 дена, колку што трае рокот за одлука за мораториум, ова тело не донесе одлука и ситуацијата остане непроменета.

На ова, Марин на граѓаните им кажа дека ќе се потруди одлука да биде донесена за помалку од 10 дена.

„Се надевам дека ќе има одлука до тогаш, сè ќе сторам за таму да нема зграда“, рече тој.

Одлуката за формирање на телото беше донесена едногласно, на предлог на градоначалникот. Партиципативно тело ќе брои 9 члена од кои еден член од редовите на Советот, двајца од месната самоуправа, двајца по предлог на здруженијата на граѓани, две стручни лица од одделот за урбанизација и двајца членови од општинската администрација.

Виктор Јованов

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари