logo
logo
logo

Манастир СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН, мир за скопјани

Vecer | 23.05.2021

Манастир СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН, мир за скопјани

На седум километри јужно од Скопје, во селото Горно Нерези се наоѓа еден од нашите најрепрезентативни културноисториски споменици – манастирот “Свети Пантелејмон”.

Удобно сместен во пазувите на Водно, на надморска височина од 1.066 метри, овој комплекс по своето значење претставува ремек дело на византиската уметност. Храмот е посветен на светиот велокомаченик Пантелејмон – заштитник на здравјето, а го изградил принцот Алексеј Комнен во 1164 година. Манастирот “Св.Пантелејмон” е еден од ретките зачувани споменици од тој период и претставува сведок дека Скопје во 11 и 12 век бил културен центар на Скопската епархија.

Црквата била ѕидана од камен и печени тули. Имињата на градителите и зографите, за жал, не се познати, но се претпоставува дека тие биле најпознатите мајстори на византиското сликарство од 12 век. Најзначајните зачувани композиции од тоа време биле Сретение, Преображение, Лазарово воскресение, Раѓање на света Богородица, Воведение на света Богородица во храм, за кои се смета дека се дела на цариградски мајстор.

За негови ремек дела се сметаат фреските влегување во Ерусалим, симнување од крстот и оплакување Христово. На фреската Оплакувањето во Нерези, света Богородица е претставена како мајка која плаче над својот мртов син, со лице што изразува болна и длабока тага. Оваа композиција, на која се прикажуваат внатрешните чувства, истражувачите сметаат дека е зачеток на Комненската ренесанса во сликарството. Фреската ја споредуваат со прочуеното дело на италијанскиот сликар Ѓото, која била создадена околу 140 години подоцна во капелата Дела Скровени во Падова, но велат дека непознатиот нерешки мајстор бил многу повешт од него.

Се до средината на 14 век, манастирот бил целосно зачуван и според зачуваните податоци поседувал богата манстирска ризница. Оттогаш, во аналите за манастирот се споменуваат кобни судби – земјотреси, пожари грабежи и разурнувања, во кои неповратно исчезнал голем дел од неговото богатство. Првото поголемо оштетување случило во земјотресот од 1550 година. Набргу таа била обновена, а новоизградените фреско-живописи повторно ги изработил непознат зограф.

Во внатрешноста на црквата, во неколку наврати е вршена конзервација на фрескоживописот. Првата конзервација е извршена во 1926 година кога слојот на новиот живопис од средината на 18 век е наполно остранет, втората траела од 1954 до 1957 година, а третата во 1967 и 1968 година.

Во 1948 манастирот бил затворен за обреди и бил претворен во музеј. Во овој период, жителите на Нерези решиле да изградат нова црква. Во 1955 година, во село средно Нерези е изграден малиот храм посветен на светиот великомаченик “Свети Пантелејмон”, манастирскиот комплекс секојдневно го посетуваат голем број домашни и странски туристи, а од 1994 година, црквата е отворена и за верските обреди венчавки и крштевки.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk