Туѓината пуста да остане, но дома е веќе запустено

Купив билет, заминувам за Германија. Засекогаш

Навистина дадов сè од себе да се снајдам во Македонија... Но, работа нема, народот е ужас, па одлучив да се вратам во Германија, овојпат засекогаш.

И по којзнае кој пат вклучувам Скајп, но што ако... Па, поубаво ми е да го поминам слободното време во разговор со него, отколку да одам на кафе со лицемериве тука. Плус, си го вежбам германскиот вака, нели?

Како е таму? - прашувам, иако веќе го знам одговорот. Но, убаво ми е одново и одново да го слушнам.

Ми вели дека времето било ладно ама убаво, воздухот чист. Во неделата речиси во секој парк имало собиранки со музика, скара и пиво, како и секогаш кога времето е сончево. Значи, сепак сѐ е исто како кога си заминав.

А како е во Македонија? - ме прашува.

Како е овде? - си повторувам во себе, а во глава ми прелетуваат милион мисли, слики, моменти за чудење.

Да, од секогаш ми биле чудни бабите што се распрашуваат за сѐ и сешто, од твоето здравје до лебот на мајка ти дали е печен, изгорен или недопечен. Бидејќи нели тоа е најважната работа во животот, ако не ти е совршен лебот не си домаќинка, не си достојна за оваа планета.

И не само тие, ми биле чудни и жените, мајките на моите другарчиња што го следат секој мој чекор, што знаат повеќе за мене од јас самата што знам. И пред сѐ, никогаш не ми стана јасно зошто младите се позлобни дури и од нивните родители, зошто сакаат да ти ја украдат книгата, да ти ја носат облеката, да бидат со твојот партнер, како да немаат свои книги, облека, љубов. Да, овде тешко се наоѓаат вистински пријатели.

Ми смета и гужвата по булеварите, редиците во банките, кавгите на шалтерите. Ми смета и што ми продаваат храна со поминат рок, фармерки со нееднакви рабови.

Ми смета што вработените во јавната администрација се крајно нељубезни со оние кои се партиски неопределени. Ми смета што таму некој си со средно ми ја кажува постапката за поднесување документи со висок тон и се изморив да го поправам и да објаснувам како е всушност правилно, бидејќи маката те учи на сѐ.

Приказна сама по себе е и барањето работа. Аплицирај ваму, аплицирај таму, огласи, огласи, интервјуа со дебели намќорести директори, млади препотенти менаџерчиња, искомплексирани теткици. Се барало да имаш познавање од тој закон, од овој закон...

Искрено ги научив сите закони на памет, станав експерт во секоја област. А зошто? Затоа што секогаш одам спремна на секое интервју, затоа што ми е срам ако не знам да одговорам на некое прашање поврзано со работното место, затоа што сакам да ме вработат.

Читам, се информирам, одам на интервјуа, дотичните се изненадени, си заминувам задоволна од самата себе за после неколку дена да добијам известување дека е избран кандидат кој ни помалку ни повеќе, ВЕЌЕ РАБОТИ ТАМУ!!! И додека јас упорно барам работа, некои веќе си се сместени во фотелјите...

Затоа веќе престанав да барам работа во Македонија и се враќам назад. – му велам. - Колку што се сеќавам ти должам една прошетка низ Минхен и конкретен одговор на твоето прашање „А кога ќе се вратиш назад?".

И кога се враќаш назад? – ме прашува со насмевка.

Сега, веднаш, веќе ми се спакувани куферите и билетот во еден правец купен. – го кажувам ова, а од мене претекува среќа како пената на ладно пиво од преполна кригла.

Те чекаме. И да знаеш переците уште го имаат истиот добар вкус како порано. – ми вели тој.

Поврзани

Најнови вести

Коментари