logo
logo
logo

КИНО ВАРДАР 1 и 2, кога скопјани засекогаш се заразија со филмовите

Vecer | 20.02.2021

КИНО ВАРДАР 1 и 2, кога скопјани засекогаш се заразија со филмовите

Првото постојано кино во Скопје е киното „Вардар 1“. Тоа работело добро до втората половина од XX век.

Еден од најгледаните филмови бил „Индискиот надгробен споменик“, кој доживеал неброени репризи на барање на гледачите. Во 1921 година магацинот на киното каде што се чувале филмовите бил уништен од пожар, а веќе во 1926 година фирмата во партнерство со Мусафија-Асео се распаднала.

Раководењето на киното во понатамошниот период го презел Моис Асео. Во 1929 година избувнал уште еден пожар, во кој киното изгорело до темел. Тоа бил крајот на првото скопско кино.

Во 1928 година започнала изградбата на новото модерно кино – „Вардар 2“, во сопственост на Махмуд Бајрам.

Во 1930 година, на Божик, киното ги отворило вратите со проекција на првиот звучен филм во Скопје – „Дама од тротоарот“.

За време на престојот во Скопје, Роберт Кодман, претседател на Југословенскиот филмски завод и член на управителите на „Авала филм“ од Белград покрај извршената контрола на киното, потпишал и договор за негов закуп.

На 5 ноември 1931 година бил донесен Законот за трговските дуќани на Кралството Југославија, со кој, меѓу другото, биле пропишани правилата што требало да ги почитуваат кината за да можат да добијат дозвола за работа.

Робер Кодман одржал состанок со дел од сопствениците на постојните кина и им укажал на работите што треба да се направат. Со кинопроекторите морало да ракуваат мајстори киноапаратери кои имале положено мајсторски испит во Белград.

На 22 февруари 1932 година бил донесен Законот за уредување на прометот на филмови, придружен со Правилник за цензура. Со тој закон се регулирале увозот на странски филмови и заштитата на домашното филмско производство.

Кинематографите биле должни при секоја проекција да прикажуваат и по еден или два краткометражни филма со културна содржина и биле обврзани да бидат прикажувани домашни филмови во должината од 5 % од онаа на странските филмови.

Во однос на цензурата, критериумите биле строги кога станувало збор за политички револуционерни идеи, за драстични примери на пропаганда, за навреди на граѓанскиот морал или на верските уверувања. Во таа смисла, англискиот филм „Крстосувачот Потемкин“ на Ејзенштајн никогаш не го преминал прагот на југословенската цензура.

Киното „Вардар 2“ немало соодветни услови за работа и за заштита од пожари. Се загревало со две големи печки, под кои немало плех за обезбедување на патосот, а се одржувале со премачкување со зејтин.

Немало апарати за гаснење, а сигурносното осветлување било приклучено на градската мрежа, што не било сигурно бидејќи требало да биде приклучено на електрични батерии – акумулатори, независни од градската мрежа.

Поради таквите услови, во 1934 година полициските власти во Скопје издале наредба, според која сите кина морале да им гарантираат безбедност на своите посетители.

Киното го посетувале сите граѓански слоеви – чиновници, богати трговци, интелектуалци, деца и др. Денес на местото на некогашните кина „Вардар 1“ и „Вардар 2“ се наоѓаат кафулиња и ресторани за брза храна.

Наташа Диденко

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk