ЗА РАЗВОЈ НА КУЛТУРАТА СЕ ПЛАНИРАНИ 155 ИЛЈАДИ ЕВРА

Градски пари за спомен-собата на Јашар бег

Финансирањето на националниот албански Музеј на слободата е предвидено со Програмата за поддршка на јавните установи, на културните манифестации и активностите од областа на културата во Град Скопје за 2010 година

Со средства од буџетот на Град Скопје ќе се опремува куќата на националниот албански Музеј на слободата, сместен во спомен-куќата на Јашар бег Кумбараџи, во населбата Чаир. Одговорните од Градот информираат дека е планирано да се опреми една соба со историско-етнолошки артефакти за Јашар бег, којшто претставува значајна фигура во историјата на Скопје како прв градоначалник. Музејот на слободата беше отворен лани во ноември, на Денот на албанското знаме. Во него се сместени историски материјали за Албанците од периодот на оформувањето на Призренската лига, па до настаните во 2001 година, со осврт на ОВК и ОНА.

Финансирањето на спомен-куќата на Јашар бег е предвидено со Програмата за поддршка на јавните установи, на културните манифестации и активностите од областа на културата во Град Скопје за 2010 година, според која од градската каса ќе бидат одвоени околу 95 милиони денари или околу 155 илјади евра.

Музејот ќе добие еден дел од 46 милиони денари, што се предвидени за голем број културни манифестации, како Бела ноќ, Млад отворен театар 2010, Звуци на Чаршијата, Македонски радиски фестивал, Скопско лето, Скопје прославува, Скопски џез фестивал, ОФФ фест 2010 и др. Дел од средствата од Програмата ќе бидат наменети за подмирување на тековно-оперативните расходи на културните установи со блок-дотации од околу 49 милиони денари. Од нив по 8 милиони денари ќе добијат Музејот на Град Скопје и МКЦ, по 9,6 ќе добијат Зоолошката градина и Библиотеката Браќа Миладиновци", Домот на култура Кочо Рацин" ќе добие 1,5 милиони денари, Универзалната сала околу 3 милиони, КИЦ 7,5 милиони, а ДКЦ Карпош" ќе добие 1,3 милиони денари.

Во појаснувањето на Програмата, меѓудругото, се вели дека нејзината цел е да се обезбедат услови за богат, квалитетен и разновиден културен живот во Скопје, да се зачува и афирмира неговото материјално и духовно културно наследство, но и да се промовира градот како отворен европски центар.

(Е.А.)


Поврзани

Најнови вести

Коментари