logo
logo
logo

ПАРИСКА МОДА ВО СКОПЈЕ имало и пред војната, и тоа за мерак

Vecer | 09.05.2021

ПАРИСКА МОДА ВО СКОПЈЕ имало и пред војната, и тоа за мерак

Париската мода била особено присутна во Скопје во периодот меѓу двете војни, кога се следеле сите модни трендови што доаѓале од Градот на Светлината, но и од другите светски центри.

Се користеле сите можности да се дознаат новостите, а пред се преку модните списанија, кои биле преполни со упатства за новите модели – како да се сошијат тие во скопските женски салони. Во тоа време можеле да се сретнат интересни препораки и совети. Странските ревии давале вакви прецизни инструкции: „Париз ви предлага…

Карираното и еднобојното се последниот збор на модата. Реверите се обложени со крзно од кратки влакна или со потемен сомот… За вашиот прв бал: вечерен фустан од пастелно син тафт. Блузата нагласено скроена во струкот… Или бел вечерен фустан од свилен жоржет. Болерото да биде вкроено во блузата.

 

Париз предлага... до Скопје

Богати набори на градите и околу половината“. Ваквиот стручен и прецизен совет бил полесно да се аплицира при кроењето. Но не биле заборавени ниту женските шапки како неопходен моден детаљ. Во мода биле шапките направени од еленска кожа, од сомот или од чоја со боја што се сложувала со капутот.

Но постоеле шапки со премногу украсни детали, така што имало и вакви духовити и комични коментари: „Количеството на материјалот употребено за украсување на оваа шапка би било доволно да се сошие еден вечерен фустан“.

„Оваа шапка наликува на една убаво средена и засадена градина со цвеќиња“. Или: „Употребата на толку големо количество пердуви би го загрижила и самиот ној“. А карминот? Карминот што можел и кај нас да се набави, бил многу баран, бидејќи: „Отмената и елегантна парижанка, за усните и лицето го употребува единствено карминот ’виоле-париз‘, зашто тој единствено дава природни и свежи бои“ (со дополнително објаснување дека тој „не штипе за очите“).

Ете, така, дури и карминот бил париски и во тренд кога станува збор за шминкањето.

Скопје тогаш било преплавено со курсеви за модерно кроење и шиење, кои биле масовно посетувани.

По завршувањето на курсевите жените дома самите шиеле, а тоа како традиција е зачувано и денес. Во триесеттите години на минатиот век се појавила модата на исклучително тесни и долги женски здолништа, кои ги истакнувале сите убавини на женското тело, но го отежнувале движењето.

Токму за ваквата мода и за еден интересен настан од тоа време е поврзана и оваа наша приказна. Имено, професорот на тогашниот скопски Филозофски факултет, Франц Месеснел, инаку Словенец по потекло, дошол до една ретко убава идеја, која успеал и да ја реализира.

Неговата идеја била интересна, и затоа многу граѓани ја прифатиле. Професорот формирал Здружение на скопските шетачи, кои имале пријатна и благодарна задача да шетаат низ Скопје и да ги запознаваат културно-историските споменици со негова помош. Дури и во денешни услови кога Скопје е преплавено со туристи од целиот свет, таа идеја е привлечна. И за странските и за домашните љубители на градот.

Кој бил всушност Франц Месеснел? Месеснел бил историчар на уметноста, кустос, конзерватор, одличен познавач на средновековната уметност (една улица во населбата Влае денес го носи неговото име). Најпрвин работел во Музејот во Скопје, а потоа на Филозофскиот факултет, а како истражувач работел на голем број археолошки локалитети на просторите на поранешна Југославија. Го објавил и текстот „Најстариот слој на фреските во Нерези, стилска студија“ (1929-1930). Значаен дел од својот живот поминал во Скопје.

Шетачите што ги организирал тој се нарекувале и „Уметнички шетачи“. Тие еднаш неделно се собирале пред Народната банка на плоштадот. Секоја недела имале посебна цел за шетање: карван-сараите, црквите, џамиите, амамите, Скопското кале или некој друг значаен објект во градот. Покрај многубројните љубопитни шетачи, во групата постојано бил присутен и потпретседателот на здружението, господинот Митропан, како и кустосот во музејот „Куршумли-ан“. И она што е најинтересно, најмногубројни од шетачите биле – скопските дами.

И сѐ ќе одело добро со скопските шетачи, ако не се случило нешто необично. Една непредвидена случка за која главниот виновник била – модата. Се разбира, париската мода од тоа време.

Тесните и долги здолништа на скопските дами им оневозможувале тие да се искачат по високите и стрмни скали на „Куршумли-ан“. Шетањето морало да биде запрено. Дамите останале пред вратите или во долниот дел на анот. Скалите во „Куршумли-ан“ се исклучително стрмни. Во тој однос можат да се посочат и скалите во „Капан-ан“ и „Сули-ан“. Дамите за следниот пат морале да избираат – или модата или запознавање на уметноста и историјата.

А со долгите здолништа не можеле да го направат тоа. Морало да се најде компромисно решение, или професорот да не ги искачува по високите скали или дамите да престанат да ја тераат модата, барем при шетањето низ градот. Очигледно, едното со другото не одело.

Еден скопски новинар бил на страната на дамите, па во својата колумна наречена „Педантен шетач“ запишал: „Треба внимателно да се одбираат објектите и местата за прошетка на уметничките шетачи за да не бидат дамите доведувани во непријатна ситуација како во случајот со незгодните скали на ’Куршумли-ан‘“.

Тие често ги посетувале и спортските натпревари одбегнувајќи ги горните редови на трибините. Дамите имале уште еден повод да бидат модерно облечени.

Секое шетање низ градот на крајот завршувало во – кафеана! Какво би било тоа уметничко шетање без да се седне во кафеана? Весели и расположени, скопските шетачи заедно седнувале во кафената „Маргер“ на плоштадот. Порачувале пиво, кое самите си го плаќале.

Данило Коцевски

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk