СО РАЗВОЈ НА БИВОЛИТЕ ВО С. ДЕБРЕШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Швајцарски бивол - македонска моцарела


Со швајцарска донација во с. Дебреште набавен е бивол за приплод зашто се цени дека не само сирењето моцарела, туку месото, млекото и другите производи од биволици можат да бидат користени во секојдневната исхрана. - Центарот за едукација "Биосфера" од Битола иницијатор за формирање на "Зелена акција"

Некогаш ги имаше на повеќе страни од државата. Се користеа за ангажман во земјоделието, се употребуваше нивното млеко, месо, а се правеа и други производи корисни во исхраната на луѓето. Црни, троми со голема потреба од вода и кал, биволите и биволиците, иако не беа прифатени колку кравите и овците, сепак беа составен дел во повеќе селски семејства.

Денес во Битолско ги нема. Не се одгледуваат и во други реони каде ги имаше во изобилство. Но, во прилепското село Дебреште останаа само 13.

- Таму се почувствува потреба од развој на биволството. Затоа аплициравме кај швајцарската фондација "Сеиф" од Сент Гален и успеавме да ни донираат еден бивол за приплод - вели претседателот на Центарот за едукација, заштита на животната средина и природата "Биосфера", Нешад Аземовски.

ДЕБРЕШТЕ
Во негова придружба и членовите на Управниот одбор Христина Димовска и Боре Јаневски се упатувме во прилепското село Дебреште, на три километри од Лажани, пет од Ропотово, а 10 до Македонски Брод. Не пречекува Демир Синаноски, претседател на невладината организација "Брешко" по името на биволот што треба да придонесе за зголемување на стадото.

- Ова е мошне жалосно, да ви кажам искрено, ни вели тој. Некогаш во Дебреште имаше над 300 биволи. Ние со нив сме растени. Се хранеа со разновидна храна. Беа покорисни од кравите. Но, луѓето започнаа да набавуваат трактори, околу селото исчезнаа водените површини и се намали нивното одгледување - вели тој, надополнувајќи дека производите од биволиците беа многу поздрави за исхраната на луѓето. Се упатуваме низ селото. Дознаваме дека без проблеми во него живеат Македонци, Македонци муслимани, Турци, Албанци и други. Ги има над 4000. Забележуваме и цркви и џамии. Некаде кон средината само една бара со минимална вода.

- Од неа истекуваше вода за езерцето која се користеше за разни намени. Денес биволите каде да се разладуваат? Тие имаат потреба од вода и кал. Им треба постојано капење - додаваат нашите придружници кон малото стадо биволи. Таму ги затекнуваме браќата Верги и Ферди. Се грижат за биволиците, но и кравите што пасат до нив. Биволиците се полегнати во калта. Само од време на време размавтуваат со опашките. Со браќата разговараме за низа нивни карактеристики. Би се ангажирале и со други работи, но училиштето не им одело и започнале да ги пасат кравите и да одгледуваат селски биволици.

Тргнуваме кон куќата на Демир. По патот ни објаснува дека оние што пијат млеко од биволиците се поздрави, никогаш не се разболуваат од бронхитис. А и сирењето им е похранливо.

МОЦАРЕЛА
Застануваме пред продавницата на Ќанија. Неговиот татко Халил Ахмедовски е роден во 1919 година и прилично знае за некогашниот живот во ова село. Помненењето добро го служи. Раскажува дека некогаш во Дебреште имало 300 домаќинства, но секој четврток, кога бил пазарен ден, доаѓале пазарџии од сета околина, па дури и од Тетово. Имало четири слаткарници со алва, боза и разни слатки што ги распродавале одејќи во соседните села. Жали што биволиците исчезнале. Без нив животот бил посиромашен. Некогаш бил и повесел. Сите повеќе заработувале.

Нешад Аземовски надополнува дека за сирењето моцарела што се подготвува од млекото по швајцарски рецепт има многу заинтересирани. Но, за негово порентабилно произведување потребни се барем 200 биволици зашто од секоја би се добивале 300 до 400 килограми сирење, чија цена сега на пазарот е 400 денари. Аземовски не запознава дека на почетокот на минатиот месец, со пет невладини организации формирале коалиција "Зелена акција", која имала за цел и да се залага и за заштита на животната средина и здравата еколошка храна. Во таа насока и "Брешко" добива нова улога.

Можеби ќе дојде ден повторно во Дебреште да има биволици и биволи во поголем број. Како некогаш. Демир Синановски и членовите на "Брешко", а и повеќе жители на ова село веруваат во тоа и се надеваат на тоа.

Петар СТАВРЕВ

Најнови вести

Коментари