Во нормално време изборот на изборите пред нас би бил лесен и извесен. Стево Пендаровски, во нормално време, не би можел ни да се кандидира. Не само затоа што животот го поминал како тврд полицаец, а полицајци се претседатели има само во отворени диктатури, многу повеќе затоа што тој е ставање сол на лутата рана на Македонија која се уште болува од тиранската платформа и промената на уставното име. Тоа би било изживување со една нација.

 

Како што е општо познато , можат во Липково, Арачиново или Сарај да ги наполнат кутиите да течат ливчиња од нив на сите страни и да се објави бројка дека Пендаровски добил мандат за претседател но, секој писмен знае дека тоа – не е победа.

 

Да, има Македонци кои за инет ли, за интерес ли или од навика ќе гласаат за Пендаровски но, тоа е бушење на заедничкиот брод кој се вика Македонија, и на кој брод само Македонците немаат гуми за спасување. Другите си добиле од нивните матични, национални држави. Македонците друга држава немаат, па немаат ни гуми за спасување.

 

Најпосле, Стево Пендаровски јавно тврди дека македонскиот народ е глуп. Овци. Безвреден за политика. Па, ако некој смета дека после сето тоа треба да го части со највисока функција тој што гази врз него, тоа не е веќе политички проблем. Поголем е.

 

А со глуп не вреди да се расправаш. Ќе те добие на искуство.

 

Вадењето: живееме во такво време не е ни изговор, ни избор. Согласувањето дека треба да се однесуваш како другите е согласување дека тебе во тој свет – те нема. Не мислиш, не делуваш, не избираш... само следиш. Живееш во туѓо, а не во свое време.

 

Прифаќаш ли дека си глуп и безвреден, овца во стадо како што тврди Стево Пендаровски?!

 

Има и трети кои повикуваат на бојкот на изборите.

 

Демек, ако гласаш ти ја потврдуваш Северна Македонија како факт. Па тоа е факт, потврдил некој на избори или не, фактот останува ист и после изборите. Државата однеодамна постои под тоа име, и не гледам како бојкот може да смени фактот.

 

Бојкотот на референдум имаше своја политичка и правна цел и задача. Референдумот за Северна Македонија како законска обврска бараше излезност од 50% +1 гласач за да се смета за успешен, како референдум. Значи, ако има бојкот и нема излезност, нема промена на уставното име. Чиста, јасна и прецизна цел и задача за бојкотирање.

 

Тоа не се случи, дојде трговијата со пратеници, и законот е прекршен, што е секому јасно. Тоа што некој на сила и со присила успеал да го изигра референдумот е добра основа за во иднина, кога односот на силите на Балканот ќе се смени како што секогаш се менувал, да се отвори прашањето на уставното име на државата, и да се избрише Северна.

 

Бојкотот на претседателските избори нема ништо од тоа. Чист каприц.

 

Дали со бојкотот се придонесува Стево Пендаровски да не биде избран за претседател ако ги наполнат кутиите при мала излезност? Не. Напротив, им се дава шанса за манипулација.

Бојкотот во големи размери значи немање цензус и нови избори за два месеци. И тие ли ќе се бојкотираат... па после и третите во низа. И се така, сеирот да не пропадне.

 

Од каде е почнат спинот дека ‘разочарани врмовци ќе ги бојкоторале изборите’? Од порталите и ботовите на СДСМ, тоа барем може лесно да се види и утврди. Во кого разочарани... во Груевски или Мицковски. Груевски не е веќе тука, а Мицковски се соочува со први избори во кариерата, и тоа кога и од странство и од внатре е сопињан да не се разигра и покаже што навистина може.

 

Првите избори на Груевски формално беа пораз. Референдумот во 2004. против новата локална поделба не успеа, иако се освоиа над 420.000 гласови. Но, од тука почна базата за успесите потоа. Сега, се создава базата за идно време и одбрана на македонското уставно име пред неуспешниот референдум. Јасно е, нели.

 

Им се допаѓало тоа или не, оние кои повикуваат на бојкот ја уриваат таа силна македонска база и лично придонесуваат за победа на Стево Пендаровски. Токму бојкотирачите дефинитивно ќе ја легитимираат Северна Македонија.

 

Бојкот на изборите треба да има само и доколку уште во првиот круг СДСМ и ДУИ се згнат да ги полнат кутиите. Тогаш, бојкот не им бега, на таков бојкот никој не треба да повика спонтано ќе се случи, а тој бојкот ќе има јасна цел и правен основ.

 

Да бојкотираш значи твојот глас да му го дадеш на располагање на некој локален партиски извршител што ќе ја наполни кутијата и со твоето ливче што те чекало, ама не те дочекало.

 

И ова, колку да се запише и запамти. Ако некој има личен интерес овие претседателски избори да бидат бојкотирани и да не успеат, тоа е  – Зоран Заев. Ако изборите немаат цензус и се повторат, Заев е следниот кандидат од СДСМ.

 

Познато е дека тој има амбиција да биде иден претседател, што заради останување во врвот на политиката наредни пет години, што за да се амнестира себеси за серија дела и недела. Знаејќи го ова, од амбасадите не ја поддржаа неговата кандидатура затоа што има уште пар задачи да сработи за кои друг не се нафаќа.  

 

Дали е некој наивен па верува дека Врховниот суд донесе одлука за ограничување на нови истраги и обвиненија од СЈО само со гласот на претседателот Јово Вангеловски? Не, таму гласаат 15 судии, и оние блиски на СДСМ стојат зад таа одлука.

 

Дали истите наивни веруваат дека ВМРО сака да го растури СЈО а СДСМ божем го брани. Да, на СДСМ според досегашната пракса му одговара да постои вакво СЈО затоа што обработува само телефонски разговори на ВМРО и ним блиски, и само за ВМРО и ним блиски се водат судски процеси. Но, тоа е базен кој има дно, приказна која има крај.

 

Следната тура на обработака од страна на СЈО мора да биде сегашната власт. Мижеа и странците и многумина дома за дејствијата на СДСМ додека да се завршат задачите што им се дадени. Довербата ја злоупотребија, мисијата ја компромитираа. Наскоро, тие ќе мора да бидат тема.

 

(01.04.2019)

Најчитани вести