Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, оствари работна средба со земјоделците од делчевскиот регион.

Како што информираат од ресорното министерство, фокусот на средбата биле актуелните состојби во земјоделството со акцент на овоштарството и сточарството, како и новите мерки во Програмите за финансиска поддршка во земјоделство и руралниот развој за оваа година за сите земјоделски гранки.

Николовски на трибината информирал дека до крајот на април ќе се исплати дополнителната субвенција од 2 денари за килограм, за правни лица откупувачи на сливи регистрирани за преработка на земјоделски производи и правни лица регистрирани за вршење на трговија со земјоделски производи, кои откупувале сливи во 2018 година.

„Владата и МЗШВ имаа слух кога беше проблемот со откупот на сливи особено во овој регион. После многу одржани средби и консултации со сите засегнати страни, тогаш за прв пат воведовме дополнителна мерка од 2 денари за килограм откупени сливи, која што Платежната агенција ќе ја исплати до крајот на април. Со воведувањето на оваа мерка се стабилизираше откупот на сливи. По препорака на Европската унија, ја трансформираме финансиската поддршка за дополнителното производство во основната мерка. И кај сливите и кај праските затоа има зголемување на субвенциите. Од 33.000 на 36.000 денари по хектар, и за развојната категорија на овоштари со насади од 1 до 5 хектари субвенцијата е 39.600 на 42.600 денари по хектар“, порачал министерот.

Во врска со актуелната состојба со откупот на јагне, Николовски потенцирал дека министерството ја следи состојбата и нема да се дозволи сточарите одгледувачи на овци да трпат загуби.

„Веќе се договараат квоти за извоз на јагнето во Турција, а Агенцијата за храна и ветеринарство работи на процедурата за извоз на јагне во Израел. Во понеделник и во вторник во МЗШВ ќе има средби со откупувачите на јагне и со здруженијата на одгледувачи на овци, и ќе реагираме соодветно, нема да дозволиме сточарите да трпат загуби“, порачал тој.

Од министерството пренесуваат дека Николовски информирал оти во следниот период, Платежната агенција ќе започне со склучување договори со општините од над 30 милиони евра за мерките за инфраструктурни проекти од Програмата за рурален развој.

При посетата во Делчево, министерот имал средби и со земјоделците на градскиот зелен пазар.

извор: Makfax

2
loading...

Најчитани вести