Скопскиот плански регион е најразвиен од осумте региони во земјата, но сепак постојат диспаритети во развојот меѓу 17-те општини и во самите општини кои се дел од овој регион. Како до порамномерен развој во Република Северна Македонија и во планскиот регион беше темата на седницата на Советот за развој на Скопскиот плански регион, на кој учествуваа потпретседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев, Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески и директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека рамномерниот регионален развој е важен дел дел од програмата за работа на Владата. Тој дополни дека сите граѓани во Република Северна Македонија, независно од местото на живеење, треба да имаат исти услови и квалитет на живот, што е и клучната цел на рамномерниот регионален развој.

„Треба да учиме од направените грешки и средствата со кои располагаме да не ги насочуваме во непродуктивни и неефикасни проекти, каков што беше Скопје 2014. Сите сме свесни колку средства се потрошени за реализација на овој мегаломански проект, а колку бенефит имаат граѓаните од тоа. Доколку тие средства беа насочени кон реалните потреби на граѓаните во скопскиот плански регион и низ земјата, сигурен сум дека ќе беа надминати многу проблеми на локално ниво, кои ги засегаат граѓаните“, рече вицепремиерот.

Тој дополни дека Владата и министерството за локална самоуправа работат на воспоставување на системско решение, преку Проектот за одржлив и иклузивен развој, кое ќе придонесе значително да се подобри планирањето и следењето на реализацијата на буџетските средства за проекти кои се реализираат во пооделни региони на земјата.

„Ќе имаме подобар увид во планирањето, распределбата и реализацијата на буџетските средства, од сите државни институции, во соодветните региони, и ќе се овозможи подобро планирање на финансиите во насока на рамномерен регионален развој. Целта е разликите во развојот помеѓу и во рамките на планските региони да се намалат, а како резултат на тоа, граѓаните, особено оние од помалку развиените региони во земјата, да имаат подобри услови за живеење“, потенцираше Анѓушев.

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу истакна дека постигнувањето на целите на рамномерен регионален развој подразбира, обезбедување на континуирана финансиска подршка од надлежните државни институции, и успешна координација помеѓу министерствата, донаторите и засегнатите страни на регионално и на локално ниво.

„Во мандатот на оваа Влада средствата за поттикнување рамномерен регионален развој се зголемуваат секоја година. Во 2019 година тие се двојно зголемени во однос на буџетската 2017 и изнесуваат 423.500.000 денари или 7 милиони евра. Ако се земе предвид издвојуввањето и преку програмите на другите министерства, сигурно вкупните средства се и над законските 1%, но e неопходносите средства да се распределуваат согласно степенот на развиеност на планските региони, како што сега тоа го прави Министерството за локална самоуправа, за да може да се влијае на намалувањето на сеуште големите развојни разлики меѓу планските региони“ нагласи министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Беше истакната и значајната поддршка од швајцарската Влада преку имплементација на проектот „Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”, преку кој се обезбедува координација и следење на алоцираните средства од различните министерства за развој на планските региони и се зајакнуваат капацитетите за инклузивен начин на утврдување на приоритетите во планските региони, со учество на локалните власти, граѓанскиот и бизнис секторот.

Очекувањата на градоначалниците се преку соодветни системски решенија да се децентрализира утврдувањето на приоритетите и распределбата на средствата за изградба на капитални јавни објекти, како што се училишта, детски градинки, локални патишта, прочистителни станици, водоводи и канализации, затоа што општините можат да направат најдобра проценка на сопствените приоритети и потреби.

Седницата на советот ја водеше претседателот на Скопскиот плански регион и градоначалник на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, а присуствуваа претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, како и градоначалниците на општините Арачиново, Бутел, Карпош, Кисела Вода, Петровец, Студеничани, Сопиште и претставници на другите општини од скопскиот плански регион.

извор: Makfax

14

Најчитани вести