Позитивни меѓународни примери за имплементацијата на Целите за одржлив развој, и како тие добри пракси што го подобруваат животот на граѓаните да се применат во нашата земја беа презентирани на Конференцијата „Глобални цели за локална одржливост“ која во организација на Здружението Конект во партнерство со Агора и Бугарската мрежа на Глобалниот договор се одржа денес како завршен настан од проектот „Градење меѓусекторски партнерства за одржлив развој“ финансиран од Европската Унија.

Во рамки на двете панел дискусии претставници на меѓународни организации, домашни и странски компании, како и владини функционери разменија мислења и посочија на начините за примена на Целите за одржлив развој кај локалната бизнис заедница, преку истакнување на успешните искуства од меѓународната и домашната практика.
Конференцијата ги обедини на едно место сите релевантни чинители од земјата кои се посветени кон исполнување на Агендата 2030 за Целите за одржлив развој. На овој начин тие учествуваа во креирањето на политиките за одржлив развој, придонесувајќи за реформските процеси за ЕУ интеграција и поврзување на нашата земја со актуелните глобални трендови.

На Конференцијата воведно обраќање имаше г. Никола Бертолини, Раководител на секторот за соработка на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја кој укажа на заложбата на ЕУ за активна поддршка на нашата земја за успешна имплементација на Целите за одржлив развој (ЦОР), а за што се очекува понатамошен придонес и од институциите и од компаниите и граѓанските организации.

„Целите за одржлив развој долго време се јадро на политиките на Европската Унија, цврсто вградени во основачките европски договори и вклучени во клучните проекти за хоризонтални мерки, во секторските политики и иницијативи. Целите за одржлив развој се акциски план за луѓето, планетата и просперитетот. ЕУ е вистински посветена на постигнување на сите 169 индикатори на 17-те цели во сите нејзини инструменти за надворешни односи, вклучувајќи го и Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Следствено на ова, преку нашата помош се стремиме да изградиме меѓусекторски партнерства со кои може да ја поттикнеме дискусијата за важни теми во општеството, а особено за најгорливите – образованието и животната средина. Она што се обидуваме да направиме е да ги претвориме глобалните цели во локални решенија, кои ги засегаат сложеноста и брзината на општествените промени и очекувањата на луѓето. “- истакна г. Бертолини во своето обраќање.

За Никица Кусиникова, извршна директорка на здружението Конект, пак, проектот „Градење меѓусекторски партнерства за одржлив развој“ за првпат кај нас овозможил промовирање и меѓу-секторска дискусија за Целите за одржлив развој, препознавање на нивната улога и проактивно вклучување во агендата за одржлив развој, но ги промовирал и бизнис заедницата и поединците од приватниот сектор како двигатели на позитивни промени во општеството во насока на одржлив развој.

„За време на реализацијата на проектот претставници на македонски компании во соработка со институциите и граѓанските организации го инвестираа своето време, енергија, страст и интелектуален капацитет за да ја интегрираат одржливоста во нивното работење и во културата на нивните организации. Во Конект се гордееме што ја пренесуваме пораката на Целите за одржлив развој до сите, и што ги поддржуваме компаниите и поединците да ги вградат во нивните стратегии. Иако проектот завршува, ќе продолжиме да обезбедуваме пристап до искуствата и знаењето на меѓународната мрежа на компании, со цел да се олесни обуката, развојот и имплементацијата на Целите за одржлив развој во нашата земја“, посочи Кусиникова која истакна дека Конект ќе ја продолжи соработката со засегнатите државни институции, бизнис секторот и граѓанските организации за да се поттикне поголемо меѓусекторско партнерство за пронаоѓање на иновативни, но практични решенија за прифаќање на глобалната визија на Целите за одржлив развој и нивна имплементација во нашето општество.

Покрај Конференцијата „Глобални цели за локална одржливост“, проектот „Градење меѓусекторски партнерства за одржлив развој“ вклучи повеќе активности меѓукои и доделувањето на наградите „Предводници на целите за одржлив развој“ кои ги добија компании, поединци и млади бизнис лидери во нашата земја. Заради нивниот придонес кон Целите за одржлив развој, наградите им беа врачени на компаниите: Пивара АД Скопје, Фармахем, Цементарница УСЈЕ АД Скопје, Алкалоид АД Скопје, Адора инжинеринг ДООЕЛ и Макпрогрес доо. Во повеќе градови (Скопје, Битола, Штип и Тетово), во рамки на проектот беа реализирани и работилници за мапирање и идентификување на приоритетните Цели за одржлив развој, како и студиска посета во Бугарија за пренос на добрите практики од една ЕУ соседна земја, а беше спроведена и анализа на состојбата на Целите за одржлив развој во нашата земја и нивната поврзаност со процесот на ЕУ интеграција.

Усвоени во 2015 година од 193 држави во Обединетите нации, меѓу кои е и нашата земја, Целите за одржлив развој се визија за одржлива иднина во глобални рамки и нудат можност за воспоставување на нова димензија на бизнис секторот.

Здружението „Конект“, како организација посветена на промовирање општествена одговорност кај претпријатијата и поддршка во градење долгорочни партнерства помеѓу граѓанските организации, граѓаните и деловниот сектор, ја согледа можноста деловните субјекти да се вклучат во спроведување на Целите за одржлив развој за да придонесат кон градење одржливо општество. Со помош на потенцијалот на деловниот сектор, и можностите што ги нудат новите трендови и технологии се овозможува решавање на социјалните проблеми. За ова да функционира успешно, неопходно е да се препознаат партнерствата со другите чинители во општеството, граѓанскиот сектор и институциите, заложба што Конект во своите активности постојано ја практикува.

(Платена ПР-објава)

извор: Makfax

8
loading...

Најчитани вести