Завршниот настан од проектот „Смарт Старт: Оддржливо влијание на граѓанските организации од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција преку социјално претприемништво и социјални иновации“, кој е поддржан од Европска Унија, а го спроведува Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), се одржа денеска во Скопје.

Преку „Смарт Старт“ школата беа обучени 20 невладини организации кои се стекнаа со знаење и вештини за основање и водење социјално претпријатие, а на 10 од нив им беше доделен почетен грант од по 6.000 евра со кои невладините организации се трансформираа во социјални претпријатија: ХуманaС (Скопје), Лице в лице – СЕНС (Скопје), Виножито (Радовиш), Избор (Струмица), Жабец (Скопје), InnAc (Тетово), Педала (Скопје), HubIT (Скопје), Локална агенција за развој (Струга), Виктори декорации (Свети Николе).

На настанот присуствуваа и се обратија Марија Ристеска, извршна директорка на ЦИКП, Ирена Иванова, од делегацијата на ЕУ, Дамир Зековиќ, Смарт Старт програмски менаџер од Босна и Херцеговина, Душан Томшиќ од Министерство за труд и социјална политика, Килиан-Ј. Андрес Ескајола, Старт хаб Африка и Џејлан Озунел од Фондацијата ЈАДА Вакфи.

На завршниот настан преку презентации на своето досегашно работење заземаа и дел од организациите кои се транcформираа во социјални претпријатија.

„За разлика од земјите во ЕУ, во земјите на Балканот и Турција до започнувањето на проектот „Смарт Старт“ немавме никакви активности за развивање на социјалното претприемништво. Денес, благодарение на проектот во земјите кои беа вклучени имаме 60 социјални претпријатија. Горди сме што проектот ни донесе компании кои работат на решавање на општествени проблеми и ја шират свеста за придобивките од социјалното претприемништво. Но сепак и покрај нашиот успех во сите погоре споменати земји, потребно е да се работи на изготвување на закони за социјално претприемништво и развивање на истото“, изјави Зековиќ.

Томшиќ потенцираше дека во моментот се подготвува стратегија за социјално претприемништво коja во основа треба да даде мерки кои ќе го поддржат развојот и основањето на овој вид претпријатија. За таа цел, направени се низа промени на постоечките закони за Јавни набавки, Законите за персонален данок и Законот за данок на добивка. Носењето на законот за социјални претпријатија во земјата е потребно и истиот се очекува да биде готов до крајот на оваа година, но сепак во меѓувреме треба да се работи на растењето на овие претпријатија, развојот на човечкиот потенцијал и менаџерските капацитети.

Покрај едукативната и финансиска поддршка од ЦИКП, значителна поддршка дадоа и менторите од корпоративниот сектор кои патем се закитија со титулата „Добар бренд“ со што се даде придонес кон зајакнувањето на капацитетите на овие социјални претпријатија. За помалку од една година, резултатите се видливи – повеќе од 10 нови вработувања на ранливи категории граѓани и нови 7 производи и 5 услуги.

Инклузивноста на проектот ги опфати лицата со оштетен вид, болните од рак, долгорочно невработените жени, ранливите, старите и изнемоштени, на поборниците за здрава животна средина и останати потешко вработливи категории.

Извршната директорка на ЦИКП, Марија Ристеска, порача дека „Смарт Старт“ нема да заврши овде. „Ќе продолжиме бидејќи сме целосно предадени на каузата – Северна Македонија да биде лидер во социјалното претприемништво“, рече таа.

извор: Makfax

1
loading...

Најчитани вести