Извештајот за 2018 година потврдува дека и покрај техничките и законските реформи иницирани од владата на Заев, земјата и натаму се соочува со проблемите наследени од режимот на ВМРО-ДУИ и продолжени од сегашната власт, велат од Алијансата за Албанците во врска со извештајот на Стејт департментот на САД за човекови права.

„Алијансата за Албанците го поздравува годишниот извештај за човекови права во Северна Македонија, објавен вчера од страна на американскиот Стејт департамент. Особено вознемирувачки според Американскиот државен секретаријат останува високиот степен на корупција, со многу случаи на корумпирани службеници вклучени во коруптивни случаи во изминатата година. Во извештајот, исто така, се нагласува политизацијата на судството и нејзино недоволно финансирање како главни пречки за независно и ефективно судство за воведување правда во земјата“, подвлече политичката партија на Зијадин Села.

Оттука сметаат дека наспроти реториката на власта за едно општество за сите, многу сектори на државниот апарат продолжуваат да ги исклучуваат Албанците и другите не-македонски заедници, особено во редовите на јавниот ред и безбедноста кои и понатаму остануваат моноетнички.

„Овој извештај на АДС, кој доаѓа по низата меѓународни извештаи со иста оценка, треба да се третира како сигнал за тревога, бидејќи горенаведените точки се токму условите за кои лидерите на ЕУ ќе одлучуваат за започнување или не преговори за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. На премиерот Заев мора да му биде јасно дека на земјата и преостанале помалку од три месеци за да се отцепи еднаш засекогаш од практиките на режимот на ВМРО-ДУИ“, се додава во соопштението на Алијансата за Албанците.

извор: Makfax

2

Најчитани вести