Душко Кнежевиќ, претседателот на Атлас група, за кого Црна Гора распиша меѓународна потерница за наводни финансиски измами, потврди денес дека ќе поднесе кривична пријава против претседателот на државата и лидер на владејачката ДПС, Мило Ѓукановиќ.

Кнежевиќ изјави за подгоричкиот портал In4S дека со кривичната пријава го обвинува Ѓукановиќ дека е „водач на организирана криминална група”.

Тој претходно кажа дека неговиот адвокатски тим подготвил „правни дејства против Ѓукановиќ и неговото семејство“.

„Секако дека ова ќе предизвика голем политички земјотрес во Црна Гора, бидејќи тоа ќе биде прв пат некој да подигне кривична пријава против претседателот на државата дека е водач на организирана криминална група“, рече Кнежевиќ.

Тој кажа дека ги предупредил луѓето во обвинителството и судството да „водат сметка што прават и кој учествува во монтираните процеси и местењето на докази и носење лажни сведоци“.

Кнежевиќ се надева дека неговата постапка уште повеќе ќе ги мотивира луѓето да излезат на протести.

Според претседателот на „Атлас групата“, заминувањето на Ѓукановиќ од власт би значело спас за Црна Гора, пренесува порталот IN4S.

Инаку, Ѓукановиќ во неколку наврати досега ги негираше сите обвиненија што на негова сметка и неговото семејство ги изнесе Кнежевиќ.

Во вчерашното интервју за РТЦГ, Ѓукановиќ ги повика граѓаните кои протестираат да внимаваат нивните идеи да не бидат злоупотребени во политички цели.

извор: Makfax

1
loading...

Најчитани вести