Делегација од сараевската општина Центар, предводена од градоначалникот Неџад Ајнаџиќ е во официјална тридневна посета на скопската општина Центар, а домаќин е градоначалникот Саша Богдановиќ.

Посетата на Ајнаџиќ е прва од ваков тип, по потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу двете општини, мината година во март, кога Богдановиќ го посети Сараево.

„За време на престојот двајцата градоначалници ќе остварат неколку формални средби на кои е предвидено да се разгледаат можностите за продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете општини, размена на искуства и реализација на проекти од заеднички интерес“, информираат општинските власти.

Областите на соработка за кои ќе разговараат двајцата градоначалници се во насока на регионален економски развој преку зајакнување на локалните самоуправи и меѓуопштинска соработка, соработка во образованието преку размена на најдобри практики и размена на ученици и наставнички кадар, како и зголемено регионално користење на ЕУ фондови.

Во рамките на посетата, предвидено е и разгледување на новото основно училиште во населбата Капиштец, прошетка низ центарот на Скопје и старата скопска чаршија.

извор: Makfax

1

Најчитани вести