Директорот на истражниот затвор во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски, ќе го послуша премиерот кој од него побара оставка по вчерашниот инцидент во кој беа нападнати ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски. Оставката најави дека ќе ја поднесе во понеделник до кога очекува да заврши и внатрешната истрага за одговорноста на лицата вработени во затворот.

„Зборот на премиерот е последен збор. Ако е прв меѓу еднаквите, треба да се почитува неговиот збор. Јас дополнително ќе разговарам со премиерот бидејќи би сакал ако може да имам простор да ја завршам истрагата и со комплетен извештај да истапам и пред Управата за извршување санкции, пред Министерството за правда и министерката Рената Дескоска и пред премиерот. Ќе ја почитувам одлуката во однос на побараната оставка. Барам само да ја завршам истрагата“, изјави за „Макфакс“ директорот Котевски.

Тој тврди дека со внатрешната истрага утврдиле нови детали кои ќе ги соопшти откако ќе заврши истрагата. Смета дека се работи за монтиран случај.

„, Министри, директори на УБК и други јавни функционери имало и во минатото во затворот но немало проблеми. Ова што се случи вчера е класична монтирана ситуација. Има извештај од Градска болница дека нема повреди има и наш извештај за тоа, 14 лица кои сведочеле на тие настани“, објаснува директорот Котевски.

Ексминистрите Јанакиески и Ристовски по инцидентите се под постојан надзор, а сместени се во хашкиот оддел во затворот. Во истражниот затвор се од завчераноќ откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги осомничи дека се дел од шестемина што ги организирале насилствата во Собранието на 27 април 2017 година. Одреден им е 30 – дневен притвор.

4

Најчитани вести