Руските воени инженери деактивирале повеќе од 200 експлозивни направи во Лаос од ноември 2020 година, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана, пренесува ТАСС.

„Војници од Меѓународниот центар за борба против мините на Руските вооружени сили пронајдоа повеќе од 200 експлозивни направи како дел од мисијата за хуманитарно деминирање во провинцијата Ксиангхуанг, Лаос. Повеќе од еден хектар земјиште е исчистено од мини“, се вели во соопштението .

Според Министерството, руските деминери претежно откриваат и деактивираат касетни бомби произведени во САД, како и артилериски гранати од различен калибар.

Триесет и два деминирачи од Меѓународниот центар за борба против мините на Руските вооружени сили пристигнаа во Лаос на 22 ноември 2020 година. Тимот е опремен со напредни алатки за откривање на експлозивни направи, вклучувајќи ги и индукциските детектори за мини IMP-3, магнетометриските детектори за бомби МБИ-П2 и подповршинските детектори PPO-2I.

Ова е трета мисија за деминирање на руските воени инженери во Лаос.

 

извор: Makfax