Skip to main content
x

13 Jan 2021 - 19:45
sportmedia
Статија

Само еден освоен сет во првиот дерби-дуел со Турција за нашата одбојкарска репрезентација во квалификациите за ЕП во Скопје. Фаворитот ја оправда улогата, но ние покажавме, барем во тој втор сет, дека Турција не е недопирлива. Можеби дуелот в сабота со нив ќе биде нова шанса за конечно да ги победиме.

Првиот сет го почнавме во грч, а тоа Турција знаеше максимално да го искористи. Обезбеди предност од 8:3 и се обидуваше континуирано да ја зголемува. Лагумџија и Субаши беа незадршливи, па Туција дојде до двојна предност од 14:7, која потоа ја задржа се до финалето на првиот сет, кој им припадна со високи 25:16.

Најубавиот сет за нас на денешниот меч беше вториот, во кој успеавме тотално да ги надиграме Турците. Почнавме концентрирано и имавме предност од 3 поени до 8:5, по што некако Турците влегоа во кризата во која ние бевме во пр виот сет, а ние со одличните напади на Љафтов и на Н. Ѓорѓиев, но и неколку одлични блока успеавме да ја зголемиме предноста на плус 6, 16:10. Турција за момент се врати и успеа да дојде во завршницата на сетот до 18 освоени поени, а ние израмнивме на 1:1.

Третиот сет беше реприза на првиот. Субаши тргна силовито и донесе предност на Турција на свој сервис со 3:0. Колку и да се трудевме ништо не одеше одрака. Расеаниот прием и лошиот напад, само им одеа во полза на гостите, кои го освоија сетот со 25:18 и поведоа со 2:1.

Во четвртиот сет Турција продолжи во добар ритам, а ние никако не успеваме да ги отстраниме грешките. Тие резултираа со огромна предност од 12:5, која беше тешко да се достигне. До крајот комплетно паднавме и останавме на само 12 освоени поени.

Утре Македонија ја чека нов меч со Босна и Херцеговина, на кој мора да одиме на нова победа.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2021

3. КОЛО

🇹🇷 ТУРЦИЈА – 🇲🇰 МАКЕДОНИЈА 3:1 (25:16, 18:25, 25:18, 25:12)

Скопје, СЦ Борис Трајковски, Играно без гледачи, Судии: Петковиќ (Срб) и Иванов (Буг)

🇹🇷 ТУРЦИЈА: Ѓунгор, Саваш 13, Субаши 14, Екши 4, Ѓулмезоглу 6, Лагумџија 17, Карасу 7, Ѓунеш 1, Тој 3, Улу, Бајрам 1, Бостан, Доне (л), Мерт (л)

🇲🇰 МАКЕДОНИЈА: Ангеловски, Ѓ. Ѓорѓиев 1, Н. Ѓорѓиев 18, Милев 10, Наков, Љафтов 14, Деспотовски, Андонов 1, Илиев, Костиќ, Николов 4, Савовски, Михаилов (л), Николовски (л)

sportmedia.mk