Судењето на група од стотици членови на италијанската мафија започна денеска во Калабрија.

Тоа е најголемото судење за организиран криминал во Италија во последните неколку децении, а 355 лица се осомничени за наводна поврзаност со мафијашкиот клан Ндрангета.

Повеќе од 900 лица се очекува да се појават како сведоци за време на судењето, а обвинетите се обвинети за голем број кривични дела - од перење пари, преку изнуда и трговија со дрога, до убиства.

Италијанските медиуми наведуваат дека судењето се очекува да трае најмалку две години.

Процесот се одвива во специјално уредена зграда во Калабрија на југот на Италија, каде што се наоѓа срцето на Ндрангета. Оваа зграда претходно служела како кол центар, а сега има судница која претставува некој вид на тврдина.

Судскиот процес за организиран криминал од оваа големина не се одржал во Италија од 80-тите години на минатиот век.

Кои се обвинети?

За разлика од процесот од осумдесеттите години, кога им се судело на членови на мафијашки семејства од Сицилија, сега мета на обвинителството е фамилијата Манкузо.

Таа игра значајна улога во кланот Ндрангета. Овој клан претставува најмоќна мафијашка група во Италија, а фамилијата Манкузо работи главно во калабриската провинција Вибо Валенсија.

За време на предистражната постапка, беа потребни повеќе од три часа да се прочитаат имињата на обвинетите, објави новинската агенција АФП.

Меѓу обвинетите има политичари, полицајци, јавни службеници, како и наводни членови и соработници на мафијата.

Првообвинет е 66-годишниот Луиџи Манкузо, чиј прекар е Чичко, а тој е обвинет за водач на групата. Некои други обвинети исто така имаат интересни прекари - Волк, Дебели, Плавуша.

Бројот на осомничени надминува 400 кога ќе бидат додадени 92 осомничени кои избрале брзи судења.

Меѓу нив е Џанкарло Пители, адвокат и поранешен сенатор на партијата Форца Италија на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.

Пители негираше дека ги поврзувал членовите на Ндрангета со политичари и судии.

Повеќето од обвинетите беа уапсени во полициски акции во Италија, Германија, Швајцарија и Бугарија во декември 2019 година.

За што се обвинети?

Се верува дека Ндрангета контролира големи количини на кокаин кои пристигнуваат во Европа од Јужна Америка.

Но, во обемниот текст на обвинението се споменуваат и кривични дела како придружување кон криминални групи, убиства, обиди за убиство, изнуда, проневера, откривање државна тајна и злоупотреба на службената положба

„Ова судење покажува колку е широко распространета Ндрангета во општеството“, изјави за АФП Федерико Варезе, професор по криминологија на Универзитетот во Оксфорд.

Шокантно е што имате толку длабоко вкоренета криминална група на една територија и што судите стотици луѓе.

Обвинител е Никола Гратери, кој живее под полициска заштита повеќе од три децении. Тој рече дека ќе се справи со Ндрангета, којашто го гуши италијанското општество.

Но, професорот Варезе предупреди дека ова судење нема да значи крај на Ндрангета.

„Можете да ги затворите, но ако не го отстраните коренот на проблемот и причината за неговото постоење, тие само ќе се размножат“, изјави Варезе.