АД за стопанисување со станбен и деловен простор најава изградба на пет згради со комерцијални станови во Охрид, Битола и во Скопје.

„ Интензивно работиме на нови комерцијални градби кои ќе ги понудиме по прифатливи цени на заинтересираните граѓани. Оваа година нѐ очекуваат активности за неколку комерцијални згради, во Охрид и Битола по две и една поголема локација во Скопје во делот на Јужен Булевар“, изјави директорот на АДИССДП, Кристијан Трајковски, по денешната средба со министерот за транспорт, Благој Бочварски.

Според Трајковски, има интерес за комерцијалните градби на државата, бидејќи становите се по конкурентни цени.

„ АД е регулатор на пазарот на цените на сите комерцијани објекти што се градат. Во Општина Аеродром кај двете комерцијални згради почетната цена на наддавањето беше 850 евра. На последната продажба на зградата во Аеродром во тек на ископот на почетокот на градбата се продадоа 46 од вкупно 50 станбени единици што зборува доволно за интересот на граѓаните за купување станови преку АД за стопанисување со станбен и деловен простор. Цената од 850 евра согласно постапката и Правилникот по кој се продаваат овие станови порасна до 1.050 евра која е повторно конкурентна во однос на цената на приватните инвеститори“ – рече Трајковски.

Бочварски и Трајковски најавија и изградба на уште четири нови социјални згради во Пехчево, Дебар, Сарај и во Кочани. Во план се и преговори со Централно европската банка за поддршка на нов проект.

Министерот Бочварски информираше дека за оваа година од буџетот на Министерството за транспорт и врски проектирани се 134 милиони денари за изградба на социјални згради. На терен во тек е изградба на 574 станови во седум општини. Во Пробиштип се градат 48 станови, во Неготино 62, Виница 36, Свети Николе 48, Бутел 312, Демир Капија 16, а во Гевгелија 52 станови.

извор: Makfax