Македонските граѓани речиси ништо не заработуваат од имотот што го имаат, покажуваат анкетите за приходите и условите за живот, што ги изработа Државниот завод за статистика. Ако изнајмувањето стан, куќа, земјиште, возила… во развиените земји е бизнис, и тоа добар, кај нас не е ниту пристојна поткрепа на семејниот буџет.

Така, последниве неколку години во просек македонските домаќинства од имот заработувале по 250-300 денари и тоа за цела година, при што приходите на градските домаќинства изнесувале околу 400, а на селските само околу 90-100 денари.

Интересно е што овој приход на домаќинствата е едниствениот кој со годините се намалува. Во 2013 година приходот од имот по домаќинство изнесувал 389, а во 2014 година 391 денар.

Од друга страна, прашање е колку анкетираните граѓани биле искрени, ако се знае дека во државата има околу 500 илјади семејства, а во катастарот се запишани над еден милион станови, од кои повеќе од веројатно, еден дел се дадени под закуп.

Исто така познато е дека и најголем дел од деловниот простор се дава под кирија, од што сопствениците остваруваат значителни приходи, а се изнајмува и градежно и земјоделско земјиште, па дури и цели индустриски објекти.

Но, јавна тајна е и дека добар дел од имотот во Македонија се изнајмува на црно, без да се пријави во Управата за јавни приходи, за да се избегне плаќање данок на државата.

Колкав дел од буџетот на просечното македонско домаќинство се приходите од имот, такви какви што се пријавени во анкетите, покажува податокот дека едно македонско домаќинство има просечен годишен приход од околу 350.000 денари, со тоа што најбогатите 20 проценти живеат со шест пати повеќе средства од најсиромашните 20 проценти.

Повеќе од половина од вкупно остварените приходи од имот одат кај таа една петтина најдобро ситуирани домаќинства.

Регистарот на цени и закупнини го открива податокот дека македонските граѓани склучуваат околу 20.000 трансакции за закуп годишно, вредни вкупно околу 400-420 милиони денари.

Според анкетата на ДЗС, македонските домаќинства живеат најмногу од плата, на која отпаѓаат околу 200.000 денари, или безмалку половина од од вкупниот буџет што го имаат како просечна големина.