„Жешко столче“ е релативно нов проект, но веќе бележи успеси, а домаќинот Никола Трпковски, кој ги „пече“ познатите веќе почна да добива споредби со познати имиња... На прашањето дали се смета себеси за успешен и колку ваквите споредби му значат или можеби се товар за докажување вели: „Успехот е релативна работа, ниту еден човек не може да каже дека е многу успешен во она што го работи, тоа е процес кој зависи од многу фактори, патот до успехот не е едноставен и трае низ целиот животен циклус. А секоја споредба колку што претставува товар, толку повеќе претставува и предизвик за да го дадеш својот максимум.

Иако првичната идеја му била проектот да се емитува на ТВ-екраните, но нели не излегува секогаш сѐ според планираното, во моментов „Жешко столче“ оди само на Јутјуб, па еве што вели Никола за тоа дали се смета себеси за јутјубер кој бара само забава и популарност кај девојките. А зборуваше и за тоа дали има плукање со конкуренцијата

Доколку проектот ти претставува задоволство тогаш неговата реализација треба да биде, пред сѐ, забава и да мотивира за уште поголем успех. Сѐ уште не се сметам за јутјубер и тоа не е мојата цел, а за популарноста кај девојките ќе треба да ги прашате нив :))) За конкуренцијата сѐ најдобро. За секого има место да се докаже во тоа што го работи, секако, доколку умее“, вели ова момче кое зад себе веќе има убава бројка емисии, а богами и фини гости...

Еве што вели за тоа како доаѓа до нив и дали има такви кои глумат „лудило“, па одбиле покана?

Хмм... гостите ги контактирам лично и благодарност до тие што досега прифатија да учествуваат во Жешко столче, се надевам дека убаво си поминаа. А дали има такви кои глумат “лудило”!? Можам отворено да кажам дека има и не секој прифаќа да гостува, за жал, многу од нив суетата ја ставаат пред професионалноста, мислат дека се многу големи, а, за жал, кај нас на една рака можат да се избројат вистинските ѕвезди. Не би сакал да бидам виновен за нечија „кариера“, па нема да ја именувам ѕвездата која под изговор дека снима и многу е зафатена одби да биде дел од емисијата. И сѐ тоа е во ред, да нема дилеми, ама „снимањето“ да не и беше за на Инстаграм, оти само таму е актуелна. И да, за малку ќе заборавев нашата камера не користи филтри за слабеење и разубавување... ха, ха, ха.. и затоа можеби одбиваат да дојдат.“

Признава дека имал интересни и помалку интересни гости, некои посакал да ги исфрли сосе столчето, а некои би сакал пак да ги види спроти себе.

Искрено најзабавно беше на снимањето со Барбара Поповиќ. А кого би го исфрлил сосе столче!? Ха, ха, ха... немав непријатни ситуации, барем не досега, и навистина драго ми е што сите кои беа дел од проектот ме поддржаа и мене и мојата желба да се обидам да направам нешто ново и интересно во етерот. Навистина сум им благодарен за тоа, бидејќи секој почеток, во секоја работа, колку е убав и интересен толку е и тежок.“

Публиката знае да пофали, ама и критиката знае да боли... Еве што вели за тоа како ги преживува коментарите под видеата, но и што подготвува во следниот период.

Немам проблем со суетата, тоа што вреди треба да се пофали, тоа што е лошо треба да се искритикува и да се коригира, им благодарам и на едните и на другите што за многу краток период емисијата доживеа солидна популарност. Како и секој проект што има свој развоен пат така и Жешко столче ќе се развива во иднина. Секако, дека ќе има новитети, но засега не би ги откривал“, вели ова момче пред кого судејќи по почетоците е светла иднина пред камерите.