Според традицијата на трпезата на Бадник треба да има посно лепче со паричка. Ако не знаете како да го подготвите, во продолжение следува предлог рецепт:

Потребни состојки:

  • 1 кг брашно
  • 1 лажица сол
  • ½ лажичка шеќер
  • 1 квасец
  • 1 лажица оцет
  • мала паричка

Начин на приготвување: Во 200 мл вода се додаваат 5 - 6 лажици брашно, шеќерот и квасецот. Од овие производи се прави квасецот. Откако ќе набабри, квасецот се истура во претходно направена вдлабнатина од брашно, сол и оцет. Смесата се меси со додавање на 200 мл вода, за да се добие меко тесто, па се остава да стаса во сад поросен со брашно, покриен со крпа. По 1 час, од стасаното тесто се формираат топки, кои се редат на мала оддалеченост во намрсен и набрашнет плех. Бројот на парчиња зависи од бројот на членови на семејството, плус три – за Господ, Богородица и куќата. Во едно од парчињата се става паричката, се остава повторно да стаса и се пече околу 30-40 минути на умерена температура.