Годишниот студентски билет за бесплатно користење на јавен превоз ќе важи до крајот на февруари 2021 година. ЈСП информира дека ќе излезе во пресрет на барањето на УСС (Универзитетско студентско собрание) при УКИМ, кое побара продолжување на рокот со оглед на актуелната ситуација со Ковид-19, која на значителен број студенти на одредени факултети предизвикува потешкотии при обезбедување на потребната документација за продолжување на важноста на билетот.

„ЈСП Скопје апелира до сите студенти, корисници на билетот за бесплатно користење на јавен превоз, навремено да ја обезбедат потребната документација, како би го испочитувале дадениот продолжен рок за продолжување на важноста на билетот. Право на користење на билетот имаат сите редовни студенти на државните факултети во Скопје до додипломски студии, без ограничување на возраста.

Важноста на билетот се продолжува секоја учебна година, при што на студентите кои првпат запишуваат прва година и обезбедуваат (вадат) бесплатен билет, неговата важност автоматски е до крајот на наредната календарска година.Останатите студенти, важноста на билетот ја продолжуваат со потврда за редовен студент и заверен зимски семестар“, се вели во соопштението.

ЈСП Скопје, поради Ковид-19, а токму со цел да се избегнат поголеми групирања, гужви на локациите каде се продолжува важноста на студентскиот и друг тип билети, овозможи продолжувањето да започне речиси два месеца порано од вообичаеното. Продолжувањето на важноста на билетот се врши во центрите за персонализација на ЈСП.

извор: Makfax