Предновогодишна Македонија. Траор кој лебди во етерот. Тоа што децата се радуваат на лампиони и шарени светла е за ‘‘фала богу‘‘. Замисли уште нив да ги издепримираме. Иако, се чувствува дека и кај нив е присутен оној филинг на ‘‘ нешто изгледа не е  во ред‘‘. Како кај кученцата, не знаат да објаснат ама чувствуваат. Амбиент на ‘‘ зорле убавина‘‘.

Кога господ делел к‘смет, ние сме биле некаде седнати во последните редови од салата и тоа на додадени столчиња без број. Каде се наоѓаме на картата на на туристичкиот водич низ Југоисточна Европа. Секако во Европа, ама пак не сме у Европа. Сателит. Виртуелен секако. Да не бевме сателит, ке имавме ‘‘цврсто тло‘‘ под ноги. А имаме да простиш онакво мое.

Под сенката на очајот, сите броиме муки. Кој поголеми, кој помали. И сето тоа кога ке се собере за да се направи еден букет, создаваме икебана од јадови. Трагично е тоа што наместо да пишуваме во колумните за конструкција, спречени сме пред кризата на внатрешна духовна, социјална и егзистенционална деструкција.

Но!, фала богу, постојат Бугарите па имаме со што да се бавиме. За да не мислиме на празниот стомак и душа, за да имаме кого да обвиниме што не изградивме здраво социјална држава. Каракачанов и Захариева дојдоа ко ‘‘ кец на еданаест‘‘ за да имаме јавна слика на ‘‘ ете, они се виновни за се‘‘. Инаку ке бевме Швајцарија.

Оние кои имаат квалитетен диоптер, ке си признаат нешто. Една држава како што е Бугарија нема да дозволи сопствен пораз. Што и да се случува Македонија ке мора барем малку ако не целосно да ја свитка кичмата пред историскиот момент. Јас не сакам и не го предвидувам тоа да се случи, но, ако гледаме реално, вистината е таа. Во Македонија нема ниту национално, ниту политичко, ниту сеопшто здраво ткиво за да им каже на Бугарите ‘‘ море носите се у...‘‘.

И така, имаме држава која е ‘‘невина ама малце трудна‘‘!

Имаме современици кои по многу елементи се некаде во систем на здрави вредности ‘‘трета лига‘‘, а со кои ние се занимаваме и се битисуваме како да се боговите од Олимп. Создаваме митологија на лист од кисела зелка. Создаваме лажна стварност. Трулееме ‘‘ у стилу‘‘.

Сме запнале по тој датум за преговори како да утредента се ке биде поинаку. Феноменот на ‘‘Нова Година‘‘, кога сите сметаат дека од утредента на 01 Јануари се ке биде минато што било од пред 5 минути. Лага!,. Свесно проголтана лага! Така ни е поубаво, да си се лажеме самите себе си. Глупаво е ама функционира. Чиста мастурбација на ниво на дух и ментум.

Губиме се! Губиме разум, достоинство, го губиме и она малку бериќет, ги губиме децата, ја губиме иднината. Бладам?! Згора на се и со Короната и сите мерки се создадовме себе си како хибриди на човек и најобична билка. Се пореметивме. Барем ние кои имаа парче слободен дух и мисла. На оние кои научиле така и навикнале да функционираат ‘‘шаблонски‘‘ им е лесно. Они се водат по паролата ‘‘ така треба да биде бе‘‘!

Што бе така треба да биде!!!

Сеуште на политичкото небо сјаат звездите на политичките елити кои у суштина ја усраа Македонија. Ние сме држава која цапа во сопствените лајна до колена. Имаме младина која не презира. Која ли би била паралелата со онаа титова ‘‘ држава со ваква младина не треба да се плаши за својата иднина‘‘. Младина која те презира не ти ветува убава иднина!

Има ли овој народ долна линија на достоинство и дигнитет? Можеш да му правиш буквално што сакаш, тој секако ке се однесува по системот ‘‘ викај ура и бегај назад‘‘. Ќе лае ден, два, а третиот ке те слави како да си богот Зевс, зошто консталацијата е така наместена да тој мора повторно да зачука на твоја врата, да те моли. Да зависи од тебе.

Ех, Македонијо! Не сум ни јас ни ти крив што сум се родил тука. А, што е нај интересно ниту имам каде да бегам, а ниту воопшто сакам да бегам. Сакам тука да си седам и тука да умрам. Арно ама, значи ли тоа дека до гроба треба да го чувствувам горкиот пелин во устата произлезен од бедата на мирисот на етерот над сопствената свест.

Кога господ делел к‘смет како што реков, сме седеле во последните редови. Така ке биде и со вакцината. Ке ја добиеме последни. Ние не сме папокот на светот.

Ние сме тртникот!

И тоа е нешто, де!