Кога првпат се појави, текилата на Тесла (Теслакила) беше првоаприлска шега на Твитер профилот на Илон Маск. На крајот, шегата стана вистински производ, со кој основачот на американската компанија сакаше да направи бум.

Сепак, возбудата околу пласманот на Теслакила на пазарот - траеше кратко, бидејќи земјата на потекло (Мексико) на овој пијалок му стави вето на употребата на тоа име. Имено, зборот „текила“ е ознака со географско потекло, што значи дека само оние од агробизнисот текила имаат право да ја користат.

Ова значи дека никој не може да го регистрира ова име како нивна сопственост.

Проблемот со брендирањето во овој случај е што зборот „Теслакила“ е премногу сличен на зборот „текила“, според Регулаторниот совет на Текила (ЦРТ), субјектот надлежен за регулирање и одобрување на сите процеси поврзани со производството, потрошувачката и трговијата со текила.

Мартин Муноз, раководител на сертификационото тело во ЦРТ, вели дека „Теслакила“ може да предизвика забуна или недоразбирање во врска со потеклото на производот, а мексиканскиот закон за индустриска сопственост ја отфрли трговската марка. Накратко, брендот на Маск не може да се регистрира под тоа име.

Во мај 2018 година, законскиот застапник се обидел да ја регистрира марката „Теслакила“ во Мексико, единствената земја во која се произведува текила. Во февруари 2019 година, ЦРТ поднесе приговор за брендот, а во март минатата година, мексиканскиот институт за индустриска сопственост рече дека „Теслакила“ не може да се регистрира, бидејќи е „премногу близу“ до ознаката за потекло на овој пијалок.

Тимот на Маск го оспори тоа, велејќи дека „Теслакила“ е природна варијанта на зборот Тесла (името на компанијата за електронски возила) и на наставката „кила“. Сепак, на 16 јануари беше донесена конечната пресуда: Мексиканскиот институт за индустриска сопственост забрани регистрација на бренд под тоа име.

Иако ЦРТ го одби оригиналното име, тоа не спречи еден од најбогатите луѓе во светот да ја продолжи својата мисија. Производот на крајот го доби името „Тесла Текила“. Други 164 компании поминаа низ истиот процес на регистрација на брендови, продавајќи повеќе од 1.800 популарни брендови на текила.

„Тесла Текила“ е регистрирана во Мексико и САД. На почетокот на ноември беше лансирано шише „Тесла Текила“ во форма на гром, по цена од 250 долари. Се распродаде истиот ден.