Аџибадем Систина информира објектот на поранешната болница „Мала Богородица“ е во финална фаза на опремување и адаптирање во ковид-центар.

- Како што веќе знаете, по прогласувањето на кризната состојба, на иницијатива на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче беше одржана средба со претставници на трите приватни клиники во земјава. На барањето да се најде решение за дополнителни капацитети со овозможени услови, кадар, опрема и лекови за згрижување и лекување поголем број пациенти со Ковид -19, приватните клиниките одговорија позитивно. На разговорите кои се одржаа беше прифатен предлогот на „Аџибадем Систина“ токму објектот на поранешната болница „Мала Богородица“ да се користи како нов ковид-центар, велат од Аџибадем Систина.

Оттаму додаваат дека по постигнатиот устен договор од министерот за здравство, „Аџибадем Систина“ веднаш почна  да го опремува овој капацитет и да го адаптира објектот во ковид-центар, на сопствен трошок.

- Во овој момент капацитетите може да се стават во функција, но за да се реализира оваа благородна иницијатива  на Министерството за здравство, остануваат неколку отворени прашања:

1. Се очекува Министерството за здравство да издаде дозвола на трите приватни болници да можат да го користат објектот како ковид-центар;

2. Според договореното на средбите, Министерството за здравство ќе координира која од приватните болници како и со колку ќе учествува во трошокот на овој капацитет (кој е десеткратно поголем од ветениот надомест од ФЗОРСМ);

3. Се очекува издавање на дозволата за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третман на ковид-пациентите;

4. Го очекуваме договорениот предлог на Министерството за здравство кои се двајцата доктори кои медицински ќе управуваат со овој ковид-центар;

5.  Финално се очекува Фондот за здравствено осигурување да го понуди Договорот за соработка, информираат од Аџибадем Систина.

Оттаму додаваат дека по исполнување на овие договорени заемни обврски и по проценката на Министерството за здравство дека им се потребни дополнителни капацитети, „Аџибадем Систина“ е подготвена за неполни 24 часа да прими пациенти во објектот.