Германската канцеларка Ангела Меркел остро ја критикуваше најавата на некои сојузни покраини за отворање на хотелите во периодот меѓу Божиќ и Нова година, за гости кои патуваат во приватен аранжман, објавија германските медиуми.

„Немам таква фантазија за да можам да сфататм зошто токму покраините најпогодени од вториот бран на коронавирус сега планираат да отвораат хотели“, рекла Меркел, цитирана од сведоци на состанокот на претседателството на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) денеска наутро.

Некои сојузни покраин, како Северна Рајна-Вестфалија или Берлин, кои се најтешко погодени од ширењето на пандемијата, објавија дека во периодот меѓу католичкиот Божиќ и Нова година ќе им овозможат на хотелите да примаат гости кои патуваат за време на празниците, со цел да ги посетат роднините.

Мерките, кои се на сила од почетокот на ноември и се продолжени до 20 декември, им овозможуваат на хотелите да ги прифаќаат само оние гости кои патуваат деловно.

Меркел укажала на тоа дека е невозможно да се контролира дали гостите се во хотел само за да ги посетат роднините или поради некои трети лица, или дноставно чисто од туристички причини.

Канцеларката посебно ја критикувала најавата на Берлин, каде инциденцата е поголема од 200 во последните денови и каде капацитетите во единиците за интензивна нега се пополнуваат со голема брзина.

Коалицијата на демохристијани и либерали е на власт во проблематичната покраина Северна Рајна-Вестфалија, а социјалдемократите, зелените и левицата се на власт во Берлин.

Според истите информации, германската канцеларка не ја критикувала најавата за отворање на хотелите во сојузните покраини Шлезвиг-Холштајн и Мекленбург-Западна Померанија, каде што бројот на заразени е значително помал.

Меркел исто така се залага за оневозможување на ски и зимски туризам барем до 10 јануари, во кој е поддржана од Италија и Франција, но се спротивставува Австрија.

извор: Makfax