Бугарија очекува брза реакција на властите во Скопје за тоа што податоци за лица со бугарско државјанство кои живеат на територијата на Република Македонија биле дистрибуирани на Фејсбук.

Ваквата порака ја добил вршителот на должност амбасадор на Република Македонија во Бугарија, кој вчера бил повикан во бугарското министерство за надворешни работи.

Како што јавија од Министерството по средбата, Бугарија очекува тие податоци и реакциите на граѓаните кон лицата со бугарско државјанство да запрат.

Претходно, лично бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева се фалеше со бројки  на македонски државјани што имаат бугарски пасош, користејќи ги во контекст на тврдењата дека Македонија има бугарски карактер, додека европратеникот Андреј Ковачев преку медиумите се закануваше дека ќе се објават податоците за Македонците што имаат бугарски пасош, а сега изнесуваат негативни ставови за преговорите со Бугарија.