Надзорната расправа во Собранието во која пратениците ќе го чешлаат случајот Еуростандард банка, треба да започне секој момент. 

Таа е на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет, чии претседател е Тимчо Муцунски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Муцунски неодамна за Фактор изјави дека целта на оваа надзорна расправа не е пратениците да ловат вештерки, ту,ку да излезе на виделина вистината за пропаднатата банка. 

И додека се чека да започне собраниската расправа, Вечер.мк дојде до документи од стечајната маса, кои покажуваат 29 струмички фирми кои не ги платиле кредитите кон Еуростандард, а нивната сума, според овие првични податоци, изнесува 12,8 милиони евра.

Глобал Медиа Груп, имала голем кредит од Еуростандард Банка. Со месеци не го враќала. Томе Костадинов е и сопственик и управител.

Сара Инжинеринг е на Горан Крстев од Глобал, каде основач е и Вице Заев.

Фирмата „Тритерол“ (и транспорт и петрол и логистика) на функционерот на СДСМ Лефтер Андонов, е фирма која земала многу кредити од Еуростандард кои не ги вратила. За оваа фирма опозицијата постојано обвинува дека е голема пералница на пари во која се вртат милионите на функционерите на СДСМ. 

Погледнете го списокот сами во продолжение. Кредитите не ги плаќале со години. Минималното доцнење им било 224 денови, односно 8 месеци, а максималното 2,5 години!

Овие кредити не се вратени. 

Народната банка знаела се уште во мај месец, но очигледно е дека чекала да поминат парламентарните избори, па дури потоа да ја затвори Еуростандард банка. 

Штедачите најавија дека ќе протестираат кога ќе започне надзорната расправа во Собрание.

- Затоа сметаме, додаваат, дека „треба токму на тој ден во тоа време да излеземе повторно на протест каде ќе го изразиме нашето незадоволство спрема учесниците во надзорната расправа и општо према сета ситуација во која се најдовме за жал не по наша вина“.

Тие вчера испратија и друг допис во јавноста, во кој за прв пат споменуваат имиња на фирми кои земале кедити од банката со многу помали гаранции од износот на заемите, но и прашуваат како одеденаш толку многу заеми од банката станаа ненаплатливи.

„Според јавно достапните извештаи од Еуростандард банка за просечната изложеност на кредитен ризик по одделни категории на ризик, на крајот од 2019 година банката имала околу 88,3 милиони евра или 59 отсто од кредитното портфолио од дадени кредити во најдобра и најсигурна категорија „А“.

Од друга страна, според извештајот за стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски за состојбата на банката на ден 12 август 2020 година, денот на нејзиното затворање, банката станала несолвентна од причини што речиси 60 отсто од вкупното кредитно портфолио на правните и физички лица или речиси 60 милиони евра биле целосно или делумно ненаплатливи. Оддеднаш, за само половина година, 88,3 милиони евра од најдобри и сигурни кредити во голем дел стануваат ненаплатливи. Како е тоа можно?

Со кое магично стапче речиси 60 милиони евра или 60 отсто од кредитното портфолио на банката наеднаш станале ултра ризични односно ненаплатливи или тешко наплатливи кредити? Давање свесно лажни информации е познато како измама и е казниво со закон.

Каков всушност реално бил кредитниот ризик за да се случи таква драстична промена во податоците? Кредитниот ризик е најдоминантен банкарски ризик и претставува основа на банкарското работење. Тој се јавува кога комитентот не е во можност да ги измирува своите обврски спрема банката, во договорениот износ или во договорените рокови. Успешното управување со кредитниот ризик претставува една од основните активности на финансиските институции, бидејќи на тој начин се следат сите активности што имаат ризичен профил“, прашуваат депонентите.

Во рамките на контролите за работењето на банката, Народна банка како супервизор вршела оценка на кредитниот ризик преземен од Еуростандард банка, дали таа соодветно го прикажувала преземениот ризик и како управувала со истиот.

„Ја прашуваме Народна банка, каков е кредитниот ризик за даден кредит на фирмата Вадрамини Инженеринг дооел од Струмица, којашто според извештајот за стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски, е во висина од околу 600 илјади евра со обезбедување со недвижен имот од околу 33 илјади евра (само 5 отсто од вредноста на кредитот) а да фирмата не изврши ниту едно плаќање на рата повеќе од 2 години? Или пак, каков е кредитниот ризик на фирмата Феро Центар дооел од Скопје на којашто според извештајот и бил доделен кредит од околу 2,5 милиони евра, за којшто нема платено ниту една рата цели 530 дена, а фирмата како обезбедување има поднесено единствено меница?

Очигледно, овие фирми ниту имале ниту имаат намера да ги отплаќаат земените кредити а камоли да почитуваат некакви договорни рокови за исплата. Обезбедување во случај на извршување се сведува на продажба на недвижен имот којшто во најдобар случај покрива само 5 отсто од вредноста на кредитот кај првата фирма или можеби ништо кај втората фирма. Фактите од извештајот за стечајот на пропаднатата банка од страна на стечајниот управник говорат дека вакви кредити има вкупно 149 чијшто вкупен износ е околу 55 милиони евра или 72,6 отсто од кредитното портфолио за фирми во банката. Според извештајот, сите овие фирми не платиле ниту една рата од земените кредити а повеќето од нив должат со години додека обезбедувањето на кредитите кај најголем број од нив е далеку помало од износите на дадените кредити.

Дали е можно Народна банка да не видела дека кредитниот ризик на Еуростандард банка е ултра висок и дека огромен број на кредити се несоодветно покриени со гаранции или без никакви гаранции? Банката превземала голем кредитен ризик кај клиенти кај кои одобрила кредити покриен единствено со меници или со гаранции далеку помали од вредноста на кредитите.

И сето тоа се случувало континуирано во подолг период почнувајќи од 2013 година па наваму. Доколку Народна банка реагирала соодветно и превземала мерки навремено, тогаш депонентите на банката, физички и правни лица, немаа да бидат целосно оштетени како што е случајот сега со ненаплатливите или тешко наплатливите кредити од речиси 60 милиони евра.

Да се разбереме, криминалот е направен од раководните структури на банката вклучително и сопствениците на банката кои веќе јавно ја признаа вината и одговорноста за проневерата и крадењето на парите од депонентите. Меѓутоа, одговорноста на Народна банка со дозволување да продолжи крадењето на парите во банката е евидентна исто така. Соучесник во криминалот е и оној којшто знае но нема да го спречи истиот. Воедно, Народна банка можела да ги одземе и лиценците на оние коишто ги правеле тие злоупотреби, но не го направила тоа.

Добро е што Народна банка објави дека за сите констатирани индиции за неправилности во работењето на Еуростандард банка известила и други надлежни државни институции, кои очигледно не реагирале. Со тоа, одговорноста на Народна Банка не е единствена туку и на други државни институции. На тој начин, државата е таа која не не заштитала од сторениот криминал во банката со тоа што сите овие институции не реагирале и навремено го спречиле истиот.

Бараме криминалот да се расчисти, одговорноста да ја понесат сите кои учествувале во сторениот криминал како луѓето од Еуростандард банка така и надвор од неа, а државата која не не заштитила од овој криминал да не обештети во целост било преку носење на закон, уредба на Влада или некој друг правен механизам“, се вели во дописот од депонентите.

Најчитани вести