Традиционално, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го одбележува Светскиот ден на науката со низа настани.Централниот настан се одржа на денес на 10 ноември 2020, на видеоконференциската платформа ZOOM во согласност со протоколите за справување со пандемијата.

Настанот го отвори ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски и даде пригодно обраќање за овогодишната тема на Светскиот ден на науката за мир и развој на UNESCO. Оваа 2020 година, како година на глобални предизвици кога човештвото се соочува со пандемија од невидени размери, императив е спрегата на ефикасна примена на научните резултати во интерес на заштита на здравјето.

Темата на Светскиот ден на науката годинава е – ‘Наука ЗА и СО општеството за справување со глобалната пандемија’. Целите се да се зајакне меѓународната научна соработка, со зајакнување на отвореноста и пристап до податоци.

Потоа, ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски, ги промовираше најдобрите научници и уметник на Универзитетот во одделни научноистражувачки подрачја, кои постигнале врвни научноистражувачки резултати во изминатата 2019 година. За најдобри научници се промовирани:проф. д-р Зоран Гучев, Медицински факултет, проф. д-р Кирил Сотировски, Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, проф. д-р Сузана Топузовски, Природно-математички факултет;проф. д-р Трена Јорданоска, Факултет за музичка уметност,проф. д-р Николина Паламидовска-Стерјадовска, Економски факултет и проф. м-р Љубиша Кировски, Факултет за музичка уметност (во категоријата уметник).

Потоа се одржа трибина на тема – Отворена наука (Open Science), тема што е во согласност со овогодинешниот фокус на Светскиот ден на науката – Наука ЗА и СО општеството.Идејата за отворена наука е визија на Европската комисија за градење инфраструктура за европски облак на отворена наука (European Open Science Cloud(EOSC)), кој би требало да стане реалност во 2021 година, како виртуелна средина за за сите истражувачи да може да чуваат, управуваат, анализираат и повторно да користат податоци за истражувачки, иновативни и образовни цели.

На оваа исклучително актуелна тема, УКИМ е во чекор со времето, преку неколку Европски проекти, активно е вклучен во активностите за отворена наука во Европа. Поканети беа инспиративни предавачи, членови на лидерските тимови за овој процес во земјата, регионот, Европа како и на Северно Американскиот континент.

извор: Makfax