Куршумот нема име, вера, нација, а богами ни сопственик. Тој шета. Тој не знае што значи повикот Аллаху Екбер / Акбар ( арапски). Не знае да зборува. Ама, затоа човекот знае. Тоа што човекот знае да каже нема врска со куршумот. Има со мозокот! А тој кога те напушта, не вели ‘‘пријатно‘‘! Поготово ако некој убаво ти го испрал.

Аллаху Екбер значи ‘‘Господ е голем, најголем‘‘. Не само што нема ништо лошо во таа фраза, туку и како повик има благородна порака. Универзална. Та, нели навистина Господ е најголем. Во исламот тоа се вика ‘‘ текбир‘‘. Интересен е податокот кој вели дека тој повик преведен на било кој јазик е прекрасна фраза за верниците.

Религијата бележи многу изгубени животи за и околу религијата. Феноменот религија е поле за дискусија кое нема крај. Се е тоа до некаде политика. На свој начин. Чистата религија без политика во неа има универзална порака на љубов и мир, подадена рака, милосрдие. Се додека не се инструментализира. А тогаш, започнуваат реки крв. Крстоносци, Инквизиција, ИСИС, многу феномени кои немаат врска ни со бога ни со љубовта. А, најмалку со десетте заповеди кои Мојсеј ги симнал од Синајската висорамнина.

Тероризмот е глобална закана. Инструмент за постигнување на одредени цели кои се генерално политички. Една голема задкулисна машина за убивање во која најстрашниот момент е заведувањето на млади лица во имена повисоки цели. Тука се вмешани и политика и пари и геостратегија, а најмногу гео-балансот на истокот и западот.

Во актуелниот историски момент сведоци сме на се поголемото забегување на млади во религијата. Радикализмот нуди посебен свет. На млада очајна душа лесно е да и го испереш мозокот и да го ‘‘чипираш‘‘. Поедини структури работат на перење мозоци на деца уште од возраст во која не се ни свесни колку се ‘‘уништени‘‘ во време во кое некој размислува како да сади кромид на Марс!

Македонија! Кој кому треба да се подсмева во делот на религиозниот радикализам? Дали оние со брада од левата страна на Вардар се поинакви од оние по митинзи на кои иконографијата не е поразлична од црквена авлија? Што е најстрашното во Македонија!?

Биполарното општество кое не сакаме да го признаеме како биполарно, покрај етничката различност носи и религиозна. Феноменот на ‘‘турско лие-каурско ли е‘‘ не само што никогаш не исчезнал од овие простори, туку и многу успешно се манипулира за сегментирање на народот за најчесто политички цели. Уште долго нема тој феномен да исчезне со оглед на тоа дека и едните и другите се исфрустрирана и инкапсулирана маса која се чувствува безбедно исклучиво ‘‘ во своето јато‘‘.

Верските институции најхипокритично критикуваат форми на радикализам, ама ниту една од нив не сака да си ја сече гранката на која седи, зашто таа гранка е моќ, пари, влијание. А, на крајот на краиштата и опстанок. Религијата со своите институции е ‘‘ свет за себе во светот‘‘. Ако се повикаме на вистината, Ватикан во своите музеи има вредност која би го нахранила светот. Но! Таа е ‘‘заштитник на сиромавите‘‘. Битно, Папата дава благослов и простува гревови. Во име на Бога! Браос бе! Не треба да ми простуеш, сам ке си ги простам!

Ортодоксниот христијанизам благословува ‘‘унии на христијанство‘‘! Низ Босна попови благословуваа Калашњикови пред да одат деца да гинат. Па, зарем господ географски определува каде ке постои неговата реч и милост, та биле потребни ‘‘ унии‘‘,.. братства,..

Радикалниот Ислам сече глави како да се пилешки и тоа во и за име на Бога! Молим!? Каде тоа стои експлицитно дека господ бара ти да си му ‘‘плачени убица‘‘!? Апсурд на 21- век. Бомбаши самоубијци се исто како во времето на втората светска војна камиказите ( Јапонска војска авијатичари) кои свесно одат во смрт за зповисоки цели! Камиказите барем биле во официјална војна и се бореле за татковината. Тоа се реално повисоки цели.

Што се тоа повисоки цели!?

Нема повисока цел од ширењето на мирот, љубовта и благосостојбата. Се останато е манипулација. Инструментализација на душата низ религиозни форми и механизми на контрола на умот. Свежа млада крв за мали пари, а за потреби на политика и криминали од гео-рамки.

А Македонија? На Македонија самиот господ нека и е на помош. Со не контролирана ситуација на терен може само да се надева дека се е во ред. Се додека на некој ајван не му текне да се распуца во Трговски центар, Сити Мол, Рамстор,..не дај боже на некој наркоман кој стои зад маската на бога додека не му текне дека господ му рекол убивај деца, жени, старци, невини души. За кого?!

АЛЛАХУ ЕКБЕР! Како муслиман нај гордо ке викнам! Арно ама! Во име на љубовта кон човекот како човек. Ако тоа во превод значи ‘‘ Господ е најголем‘‘, тогаш го споделувам и со христијанинот, со католикот, со евреинот, со сите живи суштества на овој свет.

Отвори очи Македонијо! Сешто чекори по твојата калдрма.

Агим Јонуз

Најчитани вести