Иако во моментов живееме во еден исклучително тежок период, период на социјална дистанца, намалени контакти, финансиска криза, „Нокаут“ реши да внесе малку свежина во етерот, па тие денеска го промовираа спотот за макфестовската победничка тема „Сакам да живеам“. Темата е со потписите на Пере, Огнен Неделковски и неговиот син Филип, кој веќе полека но сигурно оди по стапките на успешниот татко. Видео приказната во спотот, пак, носи доза на убава и позитивна енерија и изобилува со убави кадри снимени на повеќе локации низ земјата.  

- Режијата е на Јован Куциноски, со кој го рабоетвме и видеото за „Позитивно“. Спотот е снимен на локации во Маврово и во Охрид. Се надеваме дека успеваме на најдобар можен начин да ги пренесеме емоциите кои ги носи самата песна, рече Никола Перевски – Пере на денешната промоција во музичкиот бар Интермецо.

И тоа не е се, бендот го најави и документарниот филм со работен наслов „Би се викал Нокаут“ во режија на нивниот драг пријател Владимир Митревски - Ѓуле.

- Тој заедно со неговата екипа последниве неколку месеци не следи секаде каде што одиме и лови интересни моменти од нашите настапи, проби, дружби. Во него ќе бидат вклучени и песните од новиот албум, кои се снимени во живо, само за потребите на документарецот. Ветуваме необичен видео документ со многу необична приказна, појасни Пере, кој откри и дека новиот, четврти студиски албум на „Нокаут“, е во завршна фаза.

Дел од песните кои ќе се најдат на изданието, како што кажа, се веќе објавени, а дел од нив се комплетно нови. Промоцијата на новиот материјал се планира за почетокот на следната година. На промоцијата беше претставено и новото ребрендирано лого, кое ќе биде белег на сите следни проекти бендот. Дизајнот на логото е дело на веќе проверениот соработник Андреј Марјановиќ.

Најчитани вести